Физичката активност е еден од клучните фактори на кои можеме да влијаеме за да го намалиме ризикот од хипертензија, што значи дека редовното вежбање може да ни помогне подобро да го контролираме крвниот притисок. Одењето и трчањето се меѓу најлесните начини да го зголемиме нивото на активност бидејќи не бараат многу опрема и можат да се практикуваат речиси насекаде. Но, кој од двата е подобар за регулирање на високиот крвен притисок, пишува EatingWell.
Одење и крвен притисок
Д-р Олуватосин Аџао истакнува дека одењето е еден од наједноставните и најефикасните начини за намалување на крвниот притисок.
„Брзата прошетка од 20 до 40 минути, три до пет пати неделно, може да го подобри здравјето на срцето и, со текот на времето, да помогне во намалувањето на ризикот од мозочен удар“, објаснува Аџао.
Редовното одење, вели тој, го намалува и систолниот, или горниот, и дијастолниот, или долниот крвен притисок. Една мета-анализа покажа дека одењето го намалува систолниот крвен притисок во просек за 4 mmHg, а дијастолниот крвен притисок за 2 mmHg. Хронично високите нивоа на стрес се познат фактор на ризик за висок крвен притисок. Редовната физичка активност, вклучително и одењето, може значително да помогне во контролата на стресот.
Аџао вели дека редовното одење помага во намалувањето на реакцијата на телото на стрес. Редовното одење има позитивен ефект и врз функцијата на крвните садови. Аџао вели дека активноста на ренин-ангиотензин системот е намалена, а производството на азотен оксид е стимулирано, што ги шири крвните садови и овозможува подобар проток на крв.
„Овие промени ја подобруваат циркулацијата и помагаат да се одржи крвниот притисок понизок“, заклучува Аџао.
Трчање и крвен притисок
Трчањето може значително да го намали крвниот притисок, особено кај луѓе кои веќе имаат хипертензија.
„Една студија покажа дека трчањето го намали систолниот крвен притисок за 4,2 mmHg и дијастолниот крвен притисок за 2,7 mmHg“, вели Аџао.
Ефектот бил уште поизразен кај испитаници кои веќе имале хипертензија, каде што е забележано просечно намалување на систолниот крвен притисок од 5,6 mmHg и дијастолниот крвен притисок од 5,2 mmHg. Интересно, додава Аџао, се покажало дека трчањето со умерен интензитет е поефикасно од тренингот со висок интензитет во намалувањето на крвниот притисок кај луѓе со хипертензија.
„Трчањето е како тренинг за сила за срцето“, вели докторката Неома Опараји.
„Тоа го тренира срцето да пумпа поефикасно, за да може да извршува повеќе работа со помалку напор, што на крајот помага во намалувањето на крвниот притисок.“
Како и одењето, трчањето ја подобрува функцијата на крвните садови.
„Редовното вежбање му помага на телото да создаде повеќе мали крвни садови, како што се артериоли и капилари, а оваа промена го олеснува протокот на крвта“, вели Аџао.
Ризикот од артериска вкочанетост се зголемува со возраста, но редовните аеробни активности како што се трчањето и одењето можат да ја намалат оваа вкочанетост, да ги одржат артериите флексибилни и да му го олеснат на срцето пумпањето крв. Како и одењето, трчањето е корисно за справување со стресот, што е важно за спречување на хипертензија.
Што е подобро?
Иако трчањето може да резултира со малку поголемо намалување на крвниот притисок, Опарај истакнува дека најдобрата вежба е онаа на која лицето може постојано да се придржува. Трчањето бара поголема издржливост и напор, што може да биде пречка за некои, па затоа одењето е често поприфатливо за почеток. Од друга страна, некои претпочитаат трчање бидејќи е потребно помалку време за да се помине истото растојание.
Најважно е физичката активност да стане дел од вашата редовна рутина. Препораката е најмалку 150 минути вежбање со умерен интензитет неделно, како што е брзо одење, или 75 минути активност со силен интензитет, како што е брзо трчање. Неделниот распоред треба да вклучува и два дена тренинг за сила, што исто така поддржува здрав крвен притисок.
Безбедносни забелешки
Важно е да се консултирате со лекар пред да започнете со каква било нова рутина на вежбање. Исто така, треба да се земе предвид вашето моментално ниво на активност и присуството на други хронични состојби.
„Како што вашата физичка подготвеност се подобрува, полека можете да го зголемувате времето, брзината и интензитетот на вашите тренинзи“, вели Аџао.
,,Луѓето кои водат седентарен начин на живот се соочуваат со најголем ризик од срцеви проблеми за време на вежбањето, па затоа почетниците не треба веднаш да започнуваат со интензивни тренинзи.“
Исто така е важно да се препознаат предупредувачките знаци.
„Престанете да вежбате и побарајте медицинска помош ако почувствувате болка или притисок во градите, вртоглавица или несвестица, забрзано или неправилно чукање на срцето или невообичаено отежнато дишење“, советува Аџао.
И редовното одење и трчањето обезбедуваат значајни здравствени придобивки, и нема јасен победник во однос на влијанието врз крвниот притисок. Најважно е да изберете активност што ја уживате и можете да ја правите редовно.
„Доследноста е поважна од интензитетот“, вели Опараји.
Целта е да се движите и да го забрзате срцевиот ритам – тоа е она што прави најголема разлика за вашето здравје.
The post Одење или трчање: Што е подобро за регулирање на високиот крвен притисок? appeared first on Во Центар.



