„На шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели“, објави денес министерот за здравство Азир Алиу, велејќи дека кај нив се пронајдени голем број несовпаѓања.
Алиу рече дека лиценците биле земени од Алфамам, кој бил вклучен во шверц на марихуана во Србија, потоа од Грин Лајф, ЦБД Медплант, Лајф Плант, Атафарм, Канабидоис.
„Одлуките на Владата се темелат на наодите од извршените инспекциски надзори – несоодветно складирање на сушено цвеќе, недоследни известувања до Комисијата, недоставување на комплетна документација за продажба и пренос. Покрај досега извршените инспекциски надзори кај 13 правни лица, ќе има инспекции кај сите 43 правни лица кои одгледуваат канабис за медицински цели“, рече Алиу.
Поради недостатоците и потенцијалот за злоупотреба идентификувани во постојните законски прописи, Алиу најави ново законско решение кое ќе биде усвоено кога ќе бидат завршени проверките на сите 43 правни субјекти.
„Откривме недостатоци во законот и ќе имаме ново законско решение кое не може да се злоупотребува. Ќе им го оставиме ова на експертите, но ќе имаме законско решение кое ќе биде во согласност со директивите на ЕУ и она што недостасува на терен“, рече Алиу.
The post Одземени се лиценците на шест компании што произведуваа канабис за медицински цели appeared first on Во Центар.



