Одржана конститутивната седница, Собранието ги верификуваше мандатите на новите пратеници

Во Собранието денеска се одржа Првата – Конститутивна седница на десеттиот парламентарен состав, со која претседаваше претседателот од претходниот парламентарен состав г. Талат Џафери.

На пратениците што беа избрани на предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 15 јули 2020 година, денеска им беше верификуван пратеничкиот мандат, со што и формално беше конституиран новиот парламентарен состав.

Претходно заседаваше Комисијата за верификација на мандатите на пратениците во Собранието, со која претседаваше пратеничката Јагода Шахпаска.

Комисијата едногласно го усвои Извештајот на Државната изборна комисија за предвремените парламентарни избори за избор на новите 120 пратеници.

Потоа Извештајот на Комисијата за верификација на мандатите на пратениците беше едногласно усвоен од сите присутни пратеници на Конститутивната седница.

На седницата присуствуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на ДИК Оливер Дерковски, претставници на највисоките државни институции, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Првата – Конститутивна седница се одвиваше според посебни протоколи претходно утврдени од Комисијата за заразни болести.

Од тие причини првата пленарна седница се одржа во „Големата сала“, а не во салата „Македонија“, каде што се одржуваат пленарните седници.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.