Здружението за сончева енергија „Солар Македонија“ ја одржа првата работилница за претставување на новите услуги кон нејзините членки со цел подигнување на економската активност во секторот. Покрај презентацијата на обуките за соларни инсталери кои Солар Македонија ги нуди на своите членки, на настанот се одржа и панел дискусија на која што се актуелизираа проблемите со кои соларниот сектор во Македонија се соочува. Во дискусијата беа вклучени и преставници од Министерството за економија, кои имаа можност да слушнат за искуствата на приватниот сектор директно од преставниците на присутните компании членки на Солар Македонија.
Како што напомена и претседателот на организацијата, Проф. д-р. Илија Насов „Соларната енергија во Македонија е многу малку искористена што е особено загрижувачки имајки во предвид колку сончеви денови има во нашиот регион. Ова се должи на неколку проблеми во секторот, проблеми на чие решавање Солар Македонија ќе работи преку грантот доделен од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем”
Како главно решение кое Солар Македонија го понуди на нејзините компаниите членки се обуките за работна сила кои ќе ја зголемат професионалноста на соларните инсталери и ќе ја зголемат довербата на потрошувачите. Дополнително, Солар Македонија ќе земе активно учество во лобирање со цел решавање на системските проблеми на секторот како што се: грешно дизајнираните шеми за субвенционирање на термални ситеми како и царините за компоненти кои ги оптоваруваат домашните производители на панели.
Обуките и лобирањето Солар Македонија ги организира како активности од проектот „Подобрување на вештините, производството и вработувањата во македонските микро, мали и средни претпријатија (ММСП) кои работат со сончева енергија и опрема“, поддржан преку грант од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
Започнат во 2018 година, Проектот на УСАИД работи со деловни здруженија, стопански комори, финансиски институции, тренинг центри и компании во делот на развивање на нивните синџири на добавување, како и други организации кои нудат услуги за поддршка на ММСП. Проектот исто така соработува и со финансиски институции за зголемување на финансирањето достапно за ММСП. Нивната соработка со Солар Македонија се заснова на поддршка на бизнис организациите (асоцијации, здруженија, комори и бизнис центри) како важни чинители во подигнувањето на продуктивноста и приходите на приватниот сектор во Република Македонија.