Од април минималната плата во Македонија ќе биде повисока за 2.200 денари

Од април ќе се исплаќа минималната плата предвидена со закон или за околу 2.200 денари повеќе од сегашната минимална плата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.Според него, доколку се постигне договор меѓу работниците и работодавачите за поголема сума во наредните месеци, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.„Денеска имаме седница на Владата, разговарав со министерот за економија, ќе ја пренесеме информацијата, во согласност со Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на 24.400, тоа е според Законот.Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, формирана е Комисија која ќе потврди застапеност. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат претставници на работниците, заедно со работодавачите, ќе постигнат консензус и тој консензус ќе го почитуваме. Ако договорат поголема сума, ќе го смениме Законот и ќе влеземе во дополнително нивелирање“, потенцира Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.За вработувањата во Државниот пазарен инспекторат премиерот напомена дека Владата е должна да ги обезбеди сите капацитети на институциите и тоа ќе го направи.Запрашан за најавените измени на Законот за вработување, тој објасни дека со него ќе се регулира работниот однос на пензионерите и студентите.

Пронајдете не на следниве мрежи: