Од прес-конференцијата Заев-Рикер: САД ја поддржува Северна Македонија во нејзините аспирации за ЕУ, билатералните прашања не се за на преговарачката маса

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави Филип Рикер, денеска во Охрид одржаа прес-конференција.

На прес-конференцијата ѝ претходеше билатерална средба на која покрај Филип Рикер, присуствуваа и заменик-помошник Државен Секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на САД Метју Палмер, и амбасадорка на САД во нашата земја Кејт Брнз.

Во своето обраќање на прес-конференцијата премиерот Заев им се заблагодари на високите претставници на Стејт Департментот на САД кои со своето учество дадоа дополнителни вредности на „Преспа форум дијалог“, организиран по повод тригодишнината од Договорот од Преспа и посветен на дијалогот и добрососедството, настан кој ја сетира сцената за посилен, стабилен и просперитетен регион.

„За Западен Балкан од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој додаде дека во оваа прилика тој изрази благодарност за постојаната, отворена и искрена поддршка на Америка за нашите аспирации колку што може поскоро да ги започнеме преговорите за членство со Европската Унија.

„Отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ останува наш највисок стратешки приоритет, а ја користам оваа прилика уште еднаш да го потенцирам она што верувам е јасно и за Брисел, дека билатералните прашања немаат место на преговарачката маса, став за кој недвосмислено се согласивме со помошникот државен секретар Филип Рикер“, рече Заев пред новинарите.

Тој нагласи дека Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди и дека земјата посветено работи со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои не може да се преговара.

Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен.

„Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот, а таа пак е таа е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ“, потенцираше премиерот Заев.

Наш подеднакво важен долгорочен интерес е дополнително интензивирање на одличните билатерални политички, економски и културни односи со Соединетите Американски Држави, рече премиерот Заев, и истакна дека Договор за стратешко партнерство од 2008 година е еден од фундаментите врз кој градиме уште поблиски врски во многу области.

„Постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Северна Македонија. Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитети во ТИРЗ-овите во нашата земја“, информираше претседателот на Владата Заев.

Северна Македонија и САД, како блиски стратешки партнери и сојузници, заедно се фокусирани на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по мирот ширум светот.

„Уште во првата година од членството во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници. Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално“, истакна Заев.

Како најблизок пријател и соработник, рече премиерот, Америка го помогна ублажувањето на последиците од пандемијата со донации за заштита на граѓаните и за зајакнување на капацитетите на нашето јавно здравство со долгорочни придобивки.

„За крај, сакам да нагласам дека Северна Македонија и САД уште еднаш ја потврдуваат заедничката определба за уште поголемо сојузништво и соработка, со длабока почит и уважување за нашите заеднички интереси за просперитет на Северна Македонија и Западен Балкан“, рече во завршницата на прес-конференцијата со вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави Филип Рикер.

Високиот претставник на Стејт Департментот Филип Рикер од своја страна нагласи дека САД и Северна Македонија како сојузници постигнаа многу заеднички достигнувања и ги нагласи Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа кои ја имаа силната поддршка на Вашингтон затоа што јасно ја определија траекторијата на Северна Македонија кон заедницата на прогресивните демократии.

„Блокадата за пристапните преговори за Северна Македонија го поткопува кредибилитетот на Европа и го истакнува впечатокот дека ЕУ го остава регионот зад себе“, рече на прес-конференцијата вршителот на должноста помошник секретар Филип Рикер, и заклучи дека „Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има пријател како никој друг“.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави Филип Рикер, денеска во Охрид одржаа прес конференција, откако претходно имаа средба на која присуствуваа и заменик-помошник Државен Секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на САД Метју Палмер, и амбасадорка на САД во нашата земја Кејт Брнз.

Како дел од ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на прес конференцијата во целост:

„Ми претставува исклучително задоволство да ги поздравам високите претставници на Стејт Департментот на САД, и наши големи пријатели, кои со своето учество дадоа дополнителни вредности на овој настан посветен на дијалогот и добрососедството, настан кој ја сетира сцената за посилен, стабилен и просперитетен регион.

За Западен Балкан од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер.

Ова е добра прилика да ја изразам и нашата благодарност за постојаната, отворена и искрена поддршка на Америка за нашите аспирации колку што може поскоро да ги започнеме преговорите за членство со Европската Унија.

Отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ останува наш највисок стратешки приоритет, а ја користам оваа прилика уште еднаш да го потенцирам она што верувам е јасно и за Брисел, дека билатералните прашања немаат место на преговарачката маса, став за кој недвосмислено се согласивме со Помошникот Државен Секретар Филип Рикер.

Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди. Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои навистина не може да се преговара.

Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен.
Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот, и тоа е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ.

Наш подеднакво важен долгорочен интерес е дополнително интензивирање на одличните билатерални политички, економски и културни односи со Соединетите Американски Држави. Нашиот Договор за стратешко партнерство од 2008 година е еден од фундаментите врз кој градиме уште поблиски врски во многу области.

Постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Северна Македонија. Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитетите во ТИРЗ-овите во нашата земја.
Северна Македонија и САД, како блиски стратешки партнери и сојузници, заедно се фокусирани на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по мирот ширум светот.

Уште во првата година од членството во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници. Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално.

Како најблизок пријател и соработник, Америка го помогна ублажувањето на последиците од пандемијата со донации за заштита на граѓаните и за зајакнување на капацитетите на нашето јавно здравство со долгорочни придобивки.

За крај, сакам да нагласам дека Северна Македонија и САД уште еднаш ја потврдуваат заедничката определба за уште поголемо сојузништво и соработка, со длабока почит и уважување за нашите заеднички интереси за просперитет на Северна Македонија и Западен Балкан“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.