На граѓаните наскоро ќе им се забрани да се движат на територијата на целата држава од 22 часот навечер до 5 часот наутро почнувајќи од утре, доколку Владата го прифати предлогот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести за полициски час во овој временски интервал.
Според здравствените власти, тоа што во земјава има зголемен број на заразени со коронавирусот се должи на фактот што се организираат прослави и собири во угостителски објекти, како и собири на отворено без почитување на мерките за носење заштитна маска и дистанца. Со одлуката за полициски час се прави обид да се минимизираат последиците од ваквите групирања.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, според сознанијата на „Слободен печат“, се запознаени со новите трикови на граѓаните со помош на кои ги избегнуваат рестрикциите. Така, хотелските ресторани што инаку затвораат во 21 часот, освен за хотелски гости, всушност се простори во кои се организираат целоноќни дружења, затоа што гостите резервираат и плаќаат ноќевање, а ноќта ја поминуваат во ресторанот. Поради тоа што се гости на хотелот, инспекцијата не им може ништо. Сликата преку ден во кафулињата во главниот град е поразителна од аспект на непочитување на заштитните мерки.
Министерот за здравство Венко Филипче на Главниот кризен штаб му предложил полицискиот час да трае од 22 часот навечер до 5 часот наутро на територијата на целата држава со почеток од утре, среда, а Комисијата за заразни болести дополнително ќе се произнесе колку долго да трае полицискиот час.
– Апелирам на дисциплина што во моментов ни е најпотребна зашто е единствениот начин да се спречи неконтролирано ширење на ковид-19 – истакна министерот Филипче.
Во земјава во изминатите недели воведувањето рестриктивни мерки се одложуваше, иако изминатите месец и половина бројот на заразени е зголемен два и пол пати. Најмногу случаи има во Скопје, Неготино, Кавадарци и во Гевгелија. Во Охрид е пуштена во употреба модуларната болница со дополнителни 55 кревети поради напливот на пациенти на кои им треба хоспитализација. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 860 пациенти, а слободни кревети има околу 370.