Од тоа кој е Душан Адамовиќ и кои критериуми ги исполнил за да биде назначен за конзул во Србија до песните на Харис Џиновиќ, патувањата во Дубаи и јахтите, течеше денешната комуникација меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче во законодавниот дом каде на дневен ред на пленарна седница се пратенички прашања.
На почетокот на седницата, лидерот на СДСМ Венко Филипче од собраниската говорница ги критикуваше политиките на Владата посочувајќи дека размислува што прашање да постави за да добие конкретен одговор по што го праша премиерот кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и дали има лична релација со него.
Мицкоски во одговорот рече дека за Душан Адамовиќ треба да се праша поранешниот министер за правда во претходната влада.
– Ако на Вас како политичка партија ви е репер мрежата Икс, тогаш не би сакал да цитирам што се има напишано за вас и за тие околу вас. А, околу Душан Адамовиќ ќе го прашате поранешниот ваш министер за правда во претходната Влада, тој ќе ви даде одговор подобро од мене, рече Мицкоски.
На забелешката од Филипче дека размислува што прашање да постави за да добие конкретен одговор, премиерот со одговор – Кога велите не знаете кои прашања да ги поставите јас мислев ќе ме прашате која е најдобрата песна на Харис Џиновиќ за следниот пат кога ќе отидете во Дубаи таа да ја нарачате или ќе го поставите прашањето дали бевте добро исончан на една јахта која крстареше на егејските плажи, но очигледно сте ги заборавиле тие прашања. Или, пак, можеби ќе сакате да ве потсетам која е компанијата што требаше да ги набавува вакцините додека бевме држава со најголема смртност во Европа од ковид или можеби ќе ми поставите прашање зошто не бевте во обвинителниот акт за Модуларната болница кога гореа живи луѓе во Тетово.
На ова, Филипче му порача на Мицкоски дека тоа се кафеански муабети.
– Луѓето очекуваат поддршка од вас, а не Харис Џиновиќ, Дубаи и така натаму. Не сакаат тоа да го слушаат. Тоа е кафански муабет. Еве сега гледаме сакате да бидете експерт во сè, ама ако сте експерт во сè, слушнете ги луѓето, слушнете ги нивните барања и најдете им решенија, затоа што се друго е импровизација, рече Филипче.


