Од утре започнува обврската за задолжителна зимска опрема

Од 15.11 2019 година ќе започне законската обврска за задолжително поседување на зимската опрема во возилата. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2020 година.
Согласно член 361 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежно возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи.

Што се подразбира под зимска опрема?
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 4 мм.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 6 мм.


– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од 8 мм.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и – прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:
„MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во согласност со овој правилник, во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.
Казни и санкции за немање зимска опрема
Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови на возачот кој постапува спротивно на одредбата за задолжителна зимска опрема.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.