Од факултет веднаш до вработување – Макстил потпиша меморандум за соработка со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје



Макстил АД Скопје ја обнови соработката со Технолошко-металуршкиот факултет и во наредниот период ќе ги поддржи студентите преку доделување стипендии, обезбедена пракса за студентите, стручна и консултативна помош при дипломски, магистерски и докторски студии, стручна, научна и техничка поддршка за експертски анализи, со формирање на експертски тимови за изработка на научноистражувачки проекти. Оваа соработка само ќе даде дополнителна вредност на Факултетот при што за секој студент ќе биде обезбедено вработување веднаш по завршувањето на студиите поради дефицитарноста на овој тип професионалци.

„Макстил има потреба од професионален кадар од Технолошко-металуршкиот факултет. Затоа вложуваме многу во оваа соработка. Досега ги поддржувавме студентите со стипендии, спроведување на летна пракса, заеднички учествувавме на научноистражувачки проекти. Следен чекор е наша поддршка во зголемување на свесноста за технолошките и металуршките дејности, кои во моментов се двигатели на македонската економија во средните училишта. Како компанија сакаме да дадеме поддршка на сѐ она што значи подобра иднина на индустријата и подобри услови за новите професионалци. Тука сме да го поттикнеме „оживувањето“ на природните науки каде интересот е намален“, изјави Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на Макстил.

За Технолошко-металуршкиот факултет ваквиот тип на соработка е многу важен поради подигнување на свесноста за значењето на Факултетот како клучна алка во делот на спојувањето со индустријата каде идните студенти ќе ја најдат својата професија.

„На наше задоволство се интензивира соработката меѓу Технолошко-металуршкиот факултет и Макстил. Студентите од насоката Металургија имаат летна пракса во Макстил, а во соработка со Здружението на металурзите на Македонија компанијата ги поддржува нашите студенти и со стипендии. Со Макстил учествуваваме и во апликативни и научноистражувачки проекти, како што е и билатералниот апликативен проект на ТМФ со ИМАТ – ТУ Грац. Верувам дека продлабочувањето на соработката ќе придонесе за зголемување на интересот кај средношколците за металургијата, како една од најсилните индустриски гранки – двигатели на економијата. Можностите и потенцијалите ги препознаваме во идни работилници, теренски посети, натпревари за средношколци, истражувања при дипломски и магистерски трудови, учество во Конзорциуми за аплицирање на проекти од домашни и странски фондови, преку клиничката настава на студиската програма Металургија и многу други“, вели деканот на ТМФ, професор д-р Стефан Кувенџиев.

Извор

Пронајдете не на следниве мрежи: