Од 1 јануари 2019. достапност до лековите во текот на целиот месец

Нова распределба на квотите за лекови за аптеките со кои Фондот има склучен договор утврди Фондот за здравствено осигурување. Таа стапува на сила од 01 јануари идната година. Со тоа, најголемиот број од аптеките, односно околу 500 од вкупно 778 аптеки со кои Фондот има склучен договор, од 01.01. 2019. година ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20.000 денари месечно по аптека.
-Сакаме да нагласиме дека сега со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување на лекови на целата територијата на Република Македонија, што не беше случај претходно, бидејќи заради начинот на распределба на квотите во претходните години настанале и големи разлики во висината на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Република Македонија – велат од ФЗОМ.
Со ова се очекува осигурениците да имаат подобра достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење. За оние граѓани кои живеат во тешко достапни и поодалечени села, Фондот воведува и можност за субвенција на аптеките коишто обезбедуваат лекови за тамошните жители, како директна поддршка за опстојување на аптеките и во такви места. Покрај ова на почетокот на 2019. година ФЗО ќе распредели дополнителни, најмалку околу 120 милиони денари за лекови на товар на Фондот. Со тоа ќе го зголеми вкупниот буџет за лекови од 2 милијарди и 900 милиони денари за 2018. на најмалку три милијарди и дваесет милиони денари во 2019. година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.