Сосема нормални случувања на нашата политичка сцена претставуваат изјавите, соопштенијата, медиумските настапи и општата „хистерија“ од меѓусебни обвинувања заради забава на народот по објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за Македонија.
Нормални, затоа што никој не очекуваше позитивен извештај, ниту пак извештај во кој ќе има нешто за што може да не пофалат како држава, како нација, во однос на нашиот напредок кон ЕУ. При тоа, не ни очекувавме дека СДС и „нашите“ од ВМРО-ДПМНЕ ќе се запрашаат за нивната улога и пред се одговорност како причинители на тоа што добивме еден таков извештај. Нормално е, како и тоа што веднаш започнаа со препукувања и обвинувања, како едните да не се од тука и со ништо нѐ помогнаа да бидеме во состојбата во која сме, а другите пак, само чекаа да најдат оправдување за нивната неспособност.
- Бред Пит не може повторно да се жени поради Анџелина? „Таа засекогаш стои на неговиот пат“
- Шакира откри која пејачка и помогнала за време на раскинувањето со Пике: Секој ден ме проверуваше како сум
- Доаѓа новото филмско продолжение „Superman Legacy“: Дејвид Коренсвет и Рејчел Борснахан во главните улоги
- Бразил забранува употреба на мобилни телефони во училиштата
- Зеленски: Не е реално да се зборува за „Божиќно примирје“ со Русија
Еднаш напишав дека со едно крило не се лета, а овие „наши крила“ не што не летаат во пар, туку најчесто мавтаат контра.
Не е единствено проблемот во тоа дали Мицкоски и неговото раководство во ВМРО-ДПМНЕ ги кочеле уставните промени и немаме почеток на преговори. Не е само проблемот на неспособното СДС и Ковачевски кои две години зборуваат дека се закочени процесите за отпочнување преговори со ЕУ, а никако да направат нешто со корупцијата и криминалот. Не е проблемот во криминалите на јавна сцена и игрите со божем патриотизам на ДУИ, отворајќи прашања од 2001 година за кои не е време. Проблемот е во сите нас, во граѓаните на Македонија кои се обидуваме да заземеме политичка страна, да се позиционираме пред изборите, да бидеме со победникот. Нема да има победник. Барем не од овие политички номенклатури, но ги знам конечните губитници од ваквото наше поведение. Како да сме самите против себеси.
Мислам дека ова длабоко во себе сите ние го знаеме, но поради апатија или од лични причини тешко ни е да го кажеме јавно, јасно и гласно како порака до политикантските водства. Никој не е воодушевен или барем минимум задоволен од политичките елити кои ги имаме. Но, повеќе пати реков дека „за каква глава-таков брич“. Така што треба добро да размислиме, да расудуваме со здрав разум дали и кому ќе му ја дадеме довербата да не „води“ во иднина. Знам дека македонските граѓани се најмногу лажани, а можеби и сакаме да не лажат, можеби најубаво не лажат. Сепак, одамна сме далеку од шеги на сопствена сметка и „само будала два пати се сопнува од исти камен“. По ова душегрижниците ќе ме прашаат, за кого тогаш да гласаме? Нема да Ви одговорам, бидејќи до избори има уште време и уште многу работи ќе се случат. Можеби ќе се појави изворна политичка структура која ќе го создаде балансот или ќе повлијае директно на идните политички правци на Македонија, а тоа сигурно не се Димитриевски и Апасиев. Можеби сепак ќе се случат фамозните уставни измени и „клетите“ Бугари ќе влезат во уставот и ќе направиме барем еден чекор кон ЕУ. Можеби ќе видиме конкретна борба против корупцијата и криминалот од страна на СДС и Ковачевски и ќе покажеме дека сме држава која сака да функционира како правна и стабилна демократија, на пример решавајќи го случајот со ИВИнвестмент и други. Можеби…
Како и да е, доколку не се случи некое можеби, а тешко дека ќе се случи, ние како граѓани на Македонија треба да бидеме свесни дека овие актуелни политички лидерства немаат никаков капацитет да го сменат политичкиот правец на Македонија од изгубен и заглавен да го преместат во јасен про-европски и напреден. Нема да го направат тоа, нив интересот им е само да не заблудуваат во надеж дека ќе ќарат некој глас повеќе, а со крајна цел да не примирисаме кон ЕУ.
Да имаа барем малку политички сенз или да сакаа да размислуваат за интересот и потребите на граѓаните (нацијата), немаше да бидат шовинистички настороени дури и едни наспроти други и ќе водеа заедничка борба против корупцијата и криминалот. Вака, политичките партии се претворија во организации за заштита на криминалот, а кога тоа им е потребно и со меѓусебен договор да ги заштитат сите (и нивни и свои), како што беше случајот со Кривичниот закон. Така што јавните изјави дека некој гласал за измени на Кривичниот закон не го оправдува другиот кој направи кворум за да може да се случат тие измени. Впрочем, не слушнавме од ниту еден од двајцата „главни“ актери да даде конкретен предлог во Собранието за донесување на закон против корупцијата и организираниот криминал посебно во врска со кражбите од буџетот на Македонија (народното азно) кој ќе предвиди незастарување на овие дела и драконски казни за истите. Исто така, не слушнавме барање од „главните“ актери (СДС и ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ) до ЕУ да се воспостави постојана мониторинг мисија на ЕУ за следење на правно-судските предмети, како и борд на ЕУ за спроведување на ветинг во судството и обвинителството, барем по примерот на Албанија. Ова се ставови и барања токму на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ кои ниту раководството на нашата партија не сака да ги предложи и јавно инсистира на нивна реализација. Доколку незнаат како, тука сме да помогнеме, но ми се чини дека не сакаат, така што тука нема помош.
Имајќи ја оваа состојба пред вид, нема потреба да се изчудуваме на забалешките од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Нема потреба „главните“ актери да не трујат преку јалови расправи и соопштенија кој е виновен. Нема напредок јасно е тоа, а се должи на едноставното не сакање да бидеме држава и се придвижиме кон ЕУ ниту од страна на СДС, ниту од страна на ВМРО-ДПМНЕ (овде мислам на раководствата на партиите). Обидот на Вархеј да ни даде малку волја дека не сме до толку лоши е само обид ЕУ да не биде ригорозна во политичкиот наратив кон нас. Доживеавме Молдавија да биде лидер, а уште и рамката не ја има воспоставено, а го има едно Приднестровие кое по се изгледа ќе го реши многу брзо, а ние се движиме во спротивна насока да бидеме Приднестровие 2.0.
Тоа што загрижува е безизлезноста која ни се наметнува како состојба на општа апатија, а всушност наједноставно кажано тоа е пасивизација на сите нас. Одземањето на способноста да се каже НЕ и на СДС и на ВМРО-ДПМНЕ со овие раководства и политичка матрица на размислување и делување.
Во основа состојбата во Македонија е многу едноставна ќе кажам. Но треба да сакаме да ја видиме и тоа во вистинско светло и без розови наочари или лажни надежи.
Не прифаќањето на уставните измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ (Мицкоски) е инструмент да не се започнат преговорите со ЕУ, од друга страна неспособноста на СДС (Ковачевски) и нивната безидејност и недостиг од храброст да се започна безкомпромисна борба против корупцијата и криминалот е инструмент за дополнително разградување на државата. Всушност овие две божем различни позиции на „главните“ политички актери во Македонија се меѓусебно поврзани и взаемно влијаат врз нашето општо пропаѓање како општество, држава и нација. Тие меѓу себе си помагаат во основа за да опстанат во политиката и криминалот. Иако сметам дека ГЛАВЕН политички актер е суверенот – народот – граѓаните – нацијата, ние како суверен на избори им го пренесуваме правото на овие анти таленти во политиката да не рушаат како држава и општество и секако да ни го загрозуваат нашиот личен живот и благосостојба. Еднаш реков и пак ќе прашам, дали е подготвено судството и обвинителството да излезат со список на лица, предмети и вредност на предметите кои поради измени во Кривичниот закон се ослободени од понатамошен прогон, односно чии предмети паднаа? Го знам одговорот, нема тоа никогаш да го сторат, бидејќи треба да се сее магла со божемни меѓусебни препукувања кој е виновен, а можеби навистина Цацко е виновен. Да се занимава народот со маглата за да не ги види вистинските намери. Но, фала Богу за прв пат, барем јавно, во препукувањето помеѓу политикантските партиски раководства не ни се виновни ЕУ и САД. Тоа веќе е напредок, па дури нека е и предизборен за да не се замераат „главните“ актери со нашите партнери па изолацијата лична да им биде неизбежна. Не се толку будали кога е во прашање нивната кожа. Впрочем од тоа најмногу и се плашат, не им е грижа за Македонија и нас.
Сепак, оваа состојба не е толку бенигна и погодна за мајтап, таа во оваа фаза предизвикува изолација на ВМРО-ДПМНЕ и Мицксоки од страна на нашите стратешки партнери и ЕУ. Немањето комуникација помеѓу Европската комисија и Мицкоски беше само вовед во потенцираните точки во извештајот на Европската комисија, каде прва и ЗАДОЛЖИТЕЛНА работа се уставните промени. Потоа следува се друго. Изолацијата на Мицкоски и неговото раководство е вовед кон целосна изолација на Македонија. Тоа не зависи само од тоа кој ќе биде на власт во Македонија по изборите следната година, туку токму од капацитетот на власта да ги исполни почетните, но и следните услови за да може успешно да ги спроведеме преговорите со ЕУ. Токму затоа и не е бенигна, бидејќи ниту СДС криминализирано, докажано неспособно и безидејно, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски врзано и злоупотребено за не европски политики и лукративни лични интереси исто така криминализирано, не се во состојба да го отворат европскиот пат на Македонија и низ тој процес да се справат со корупцијата и криминалот. Токму затоа тврдам дека изолацијата ќе биде врз Македонија. Тоа во секој случај ќе биде поради неспособноста за политичка антиципација на интересите на граѓаните од страна на СДС и ВМРО-ДПМНЕ со овие политички структури на врвот.
Затоа драги мој сограѓани, за да спречиме изолација на Македонија, всушност изолација на сите нас, добро би било ние како граѓани да направиме изолација на овие и вакви политички структури.
Изолацијата има многу облици и практични искажувања, особено кога тоа го прават граѓаните – суверенот. Може да не се даде поддршка и цензус за избори. Може да се избере сосема друга политичка понуда доколку ја има. Може да се покаже организирана граѓанска непослушност или друг облик на револт. Може многу нешта да се направат. Може…
Но во секој случај, таквите пораки кон „главните“ актери мора да бидат силна порака за нивна внатрешна и структурна, идеолошка и практична, политичка и морална промена, но и шанса за нови можности за рестарт со нови актери, без хипокризија.
Како и да е, на потег сме ние суверенот, наша е одлуката дали ќе ги изолираме на некаков начин „главните“ актери и ќе им покажеме кој е всушност главен. Или, едноставно ќе чекаме како држава да бидеме изолирани како резултат на политикантството и личните лукративни интереси на едните или другите раководства на СДС и ВМРО-ДПМНЕ.
Времето брзо тече и според сѐ, баналноста на уставните измени и неспособната власт која ништо не прави во борбата со корупцијата и криминалот и реформите во државата, но заедно со опозицијата си менуваат кривични закони токму во делот „кражба на нашите народни пари“, ќе не одведат во изолација како држава. Подобро е да ги отвориме очите и изолирани да бидат партиските раководства, а Македонија да тргне напред таму каде што и местото, во ЕУ, без раскази за загубен идентитет и слични псевдо патриотски божем ставови кои се за дневни потреби заради растурање магла.
Изолацијата како состојба која настапува и ќе трае е неминовна, пред сѐ заради опаметување. На нас како суверен е да одлучиме дали ќе дозволиме да бидеме како држава потполно изолирани или ние ќе ги изолираме божемните „главни“ политички актери. Ова е веќе прашање на наша граѓанска одговорност кон самите себе и кон татковината, кога овие од СДС и „нашите“ од ВМРО-ДПМНЕ немаат политичка одговорност кон нас и кон Македонија.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.