Опозицијата го блокира влезот на зградата на Полициската управа во Нови Сад

Дел од опозицијата во Нови Сад утрово се обиде да ја блокира зградата на Полициската управа барајќи кривично да се гонат полицајците што го претепаа седумдесет и четиригодишниот Илија Костиќ, кој беше уапсен за време на протестите пред Судот и Обвинителството, пренесува РСЕ.

Покрај ова, тие бараат и ослободување на граѓаните, студентите, активистите и опозициските политичари што се уапсени за време на протестите низ улиците на Нови Сад, на кои се бара одговорност за падот на натстрешницата на железничката станица, кога загинаа 15 лица.

Полицијата побара од претставниците на опозициските политички партии и движења да си заминат, по што настана конфликт меѓу двете страни. Како што пренесува РСЕ, претставниците на опозицијата постојано извикуваа „убијци“ и „крвави дланки“.

Полицијата насилно ја оттурна толпата од влезот на Полициската управа и ја разби на два дела.

Потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, во изјава за медиумите посочи дека досега ова е најагресивното однесување на полицијата кон демонстрантите.

Костиќ беше приведен на 21 ноември за време на блокадите под сомнение дека ги попречувал полициските службеници во нивната работа. Поради здобиените повреди беше и итно опериран.

По неговото апсење, обединетите претставници на опозициските партии во Нови Сад побараа средба со шефот на новосадската полиција, но оттаму добија одговор дека тоа не може да се случи додека трае истрагата.

Пронајдете не на следниве мрежи: