Политичкиот аналитичар Сашо Ордановски смета дека македонското општество се соочува со сериозна дезориентираност и пад на довербата во иднината, што според него создава дополнителни проблеми за развојот на демократијата.
Во гостување во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ, објави 4news.mk мк, Ордановски оцени дека во услови на општествен песимизам тешко може да се очекува нормално функционирање на демократските процеси.
„Македонското општество е прилично дезориентирано, опадната е вербата во иднината, а да градите демократија со песимизам е еден од клучните проблеми“, изјави Ордановски.
Тој посочи дека иако денес изгледа дека сè е достапно и јавно, сепак многу важни процеси остануваат надвор од фокусот на јавноста.
Според него, политичките теми често го преземаат медиумскиот простор, додека други процеси што се од значење за граѓаните остануваат во втор план.
Ордановски оцени дека медиумите во голема мера се насочени кон следење на дневните политички конфликти, што создава повторување на исти теми и помала можност за отворање пошироки општествени прашања.



