Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на 25-годишнината од почетокот на интервенцијата на НАТО против воените и полициските сили на тогашна Југославија, им се заблагодари на земјите од Алијансата што „не ги затворија очите пред страдањата на луѓето од Косово во тоа време“, јави дописникот на МИА од Приштина.
За време на почестите што ги оддаде денеска, заедно со акредитираните амбасадори на земјите сојузнички, кај Споменикот на војниците на НАТО кои го загубиле животот за време на службата во Косово, Османи рече дека верува оти многу наскоро Косово ќе седне во НАТО покрај тие пријателски земји и ќе им се оддолжи преку помагање во други земји.
– Вечна благодарност до НАТО. Верувам дека Косово многу наскоро ќе седне во НАТО покрај пријателите кои ни застанаа покрај нас во најтешките моменти и ќе го врати овој долг помагајќи им на другите земји, како што помага нашата армија денес, рече Османи.
Според неа, 24 март се претвори во непоколебливо партнерство меѓу Косово и демократскиот свет.
– Овој ден на голема надеж се претвори во непоколебливо партнерство меѓу Косово и демократскиот свет, сојузи кои продолжуваат и денес, затоа и денеска бев придружувана од амбасадори и претставници на пријателски земји, земји кои и денес стојат покрај Косово, не само на 24 март 1999, туку и денес кога се соочуваме со многу предизвици за јакнењето на Косово на меѓународен план, рече Османи.
Во името на народот на Косово, претседателката се заблагодари на „секој од војниците на НАТО кои ги ризикуваа своите животи“ за да ги спасат животите на косовските граѓани.
– Уште еднаш, во името на народот на Косово, сакам од се срце да им се заблагодарам на секој од војниците на НАТО кои ги ризикуваа своите животи за да ги спасат нашите. Им благодарам на сите лидери на демократските држави кои не ги затворија очите пред страдањата на народот на Косово, туку ни притекнаа напомош, дојдоа да нé спасат, а и ден денес стојат покрај нас додека работиме заедно за денешно Косово да ги направи своите граѓани и пријатели горди на успесите во развојот на демократијата, во заштитата на човековите права и во јакнењето на меѓународниот субјективитет, изјави Османи.
FacebookTwitterCopy Link