Османи побара Косово да ги укине увозните царини за САД

Косовската претседателка Вјоса Османи побара од Владата да ги прекине увозните давачки за сите американски производи, наведувајќи дека на тој начин ќе се испрати јасна порака дека Косово е подготвено за поцврсти односи со САД.
Османи во објава на социјалната мрежа „Икс“ наведува дека укинувањето на царините на американските производи е важен чекор кон продлабочување на економските врски со најблискиот сојузник.

„Денеска официјално побарав од Владата на Косово да ги прекине увозните давачки за сите американски производи – важен чекор кон продлабочување на економските врски со нашиот најблизок сојузник и да испрати јасна порака дека Косово е подготвено за посилни односи со САД, со јасна визија што ќе ги направи двете наши земји посилни, побезбедни и попросперитетни“, напиша Османи.

Таа рече дека укинувањето на царините ќе отвори нови можности.

Таа посочи и дека ваквиот потег не е само економски, туку има и надворешнополитичка цел.

„Убеден сум дека овој потег ќе отвори нови можности за отворање нови работни места, размена на технологии и долгорочен економски раст. Повеќе од само економски потег, ова е надворешнополитичка цел која ја потврдува нашата постојана посветеност на косовско-американските односи. Сојуз изграден врз заедничките вредности на слободата и децениската непоколеблива поддршка“, заклучи Османи.

Пронајдете не на следниве мрежи: