Осудениците во штипскиот затвор добија нова библиотека

Нова библиотека со околу 800 нови книги добија осудените лица во штипскиот затвор. Директорот на Затвор – Штип, Мики Тодоров за МИА вели дека и претходно во оваа казнено поправна институција имало библиотека, но новата е за пет пати поголема во споредба со старата просторија.
Осудените лица учествувале во реконструкцијата на просторијата, односно самите ги изглетувале и бојадисале ѕидовите и ги залепиле плочките.
– Полиците на библиотеката веќе се полнат со нови книги. Осудените лица доставија барања до издавачките куќи и институциите. Дел од нив веќе донираат нови книги за библиотеката. Имаме и пријатели на библиотеката, осудентите лица на листови ги испишуваат оние институции, фирми, писатели, поети кои донираат книги за нашата библиотека. Во неа има книги на македонски и албански јазик, вели Тодоров.
За книгите во библиотеката се задолжени две осудени лица, од кои едниот за литературата на македонски, а вториот на албански јазик.
Новата просторија на библиотеката во Затвор – Штип ќе има намена и за групна настава, а изминатите две години во соработка со УНДП и Министерството за образование се реализирани две обуки за бравар, аргон заварувач, готвач и пекар, со што околу 50 осудени лица добија и сертифати по завршените обуки.
Затвор – Штип од сопствениот буџет инвестирал околу 64.000 денари во мебелот, полиците и инвентарот на библиотеката.
– Промоцијата на просторијата е за да се подигне свеста кај граѓаните и институциите дека по завршувањето на казните, осудените лица треба да бидат прифатени од општеството. Со опремување на новата библиотека даваме похумани услови во казнено поправниот дом и е пример дека создаваме европски услови за осудените лица, кои издржуваат казна затвор, вели Тодоров.
Тој најави дека заедно со Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ – Штип ќе се направи и категоризација на книгите, кои се наредени на полиците во новата просторија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.