Осумтемина пратеници кои гласаа „За“ уште не решиле како понатаму

Осумтемина пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за пристапување кон уставни измени сеуште се договараат како ќе дејствуваат во иднинана во Парламентот. Најверојатно до понеделеник би требало да се официјализира формирање на уште една пратеничка група во Собранието.
Иако не соопштува детали за што конкретно би разговарале пратеничката Емилија Александрова најави дека денес ќе имаат средба и ќе дефинираат што и како понатаму. Според изјава на друга пратеничка од осумтемина тие ќе функционираат заедно, но и дека се отворени и за други пратеници, како и дека ќе работат на дефинирање на нивните четири барања со правни експерти, вклучувајќи ги и уставните амандмани. Како што посочува таа имаат подадена рака од колегите од пратеничката група на СДСМ да учествуваат во консултациите за устаните амандмани.
-Ќе работиме на четирите барања, како и на уставните амандмани во консултација со правници, токму на она што предизвика грижа кај општата јавност, вели пратеничката.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера кажа дека Деловникот им дава можност на пратениците да се самоорганизираат, имајќи предвид дека се повеќе од петмина.
-Имајќи предвид дека тие се отцепиле од партијата и одлуката за некои од нив да ги исклучуваат од партијата Деловникот им дава можност да се самоорганизираат имајќи предвид дека се повеќе од петмина. Од формален аспект првично ќе треба индивидуално и формално да се изјаснат во однос на нивниот статус во коалицијата во која биле. Првично треба да се изјаснат дека не се дел од таа коалиција за да можат со нов акт да се обратат до мене за да можат да формираат пратеничка група. Формално ВМРО-ДПМНЕ има само една пратеничка група, рече Џафери.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.