ОТВОРЕНА СЕНЗОРНА СОБА ЗА ДЕЦА СО АТИПИЧЕН РАЗВОЈ ВО ГРАДИНКАТА

ОТВОРЕНА СЕНЗОРНА СОБА ЗА ДЕЦА СО АТИПИЧЕН РАЗВОЈ ВО ГРАДИНКАТА

Градот Скопје и Општина Бутел изминатиов период адаптираа и опремија сензорна соба за деца со атипичен развој во градинката „11 Октомври“, работна единица „Ташко Караџа“ во населбата Радишани. На отворањето на оваа сензорна соба денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски и Санела Шкријељ, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика.

Со заедничка инвестиција од околу 1,5 милиони денари ја опремивме досега најдобрата сензорна соба која ќе овозможи на децата со атипичен развој односно развојни задоцнувања што полесно да ги надминуваат потешкотиите. Искуствата покажуваат дека токму ваквиот тип на интерактивност и тоа како помага во развојот на овие деца. Имајќи предвид дека е голем бројот на деца со развојни задоцнувања во претшколската возраст и дека тоа е период кога најмногу може да придонесеме за нивниот развој е всушност и причината поради која инвестираме во вакви содржини кои досега ги немаше во детските градинки. Градот Скопје во последниве две и пол години сериозно инвестира во ваков тип активности и во кадар со цел на што повеќе наши сограѓани да им овозможиме поедноставување на животот. Овде нема да застанеме, сега разговаравме и за опремување на градината, на дел од дворот на градинката, која ќе биде веројатно првата сензорна отворена градина кај нас – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Оваа сензорна соба е наменета за деца со атипичен развој, односно со развојни задоцнувања и се очекува да ја користат деца до 6 години како неопходна поддршка во раната интервенција кај специфичните развојни потреби. На почеток ќе се примаат деца од градинката „11 Октомври“ и со нив ќе работи постојниот стручен кадар, а со зголемување на бројот на стручните лица ќе се прошири и опсегот на деца.

Новоотворената сензорна просторија е со површина од 64 квадрати и е составена од два дела – дел за едукација и дел за играње. Просторијата има посебен тоалет што е адаптиран за лица со физичка попреченост.

Шилегов потсети дека пред околу три месеци Градот Скопје го поддржа отворањето на Центарот за рана интервенција и поддршка на семејствата во општина Центар, преку Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори коишто исто така овозможуваат специјализирана поддршка за деца до 6 години и услуги кои го стимулираат детскиот развој, преку реализација на активности за развој на вештини, способности и компетенции и создавање стимулирачка средина во која ќе се чувствуваат безбедно и сигурно.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.