Офанзивата на бунтовниците во Сирија е неверојатна: Во заднина се глобалните промени

Драстичната ескалација на војната во Сирија е последната последица од немирите кои го зафатија Блискиот Исток по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Масакрот на Хамас и одговорот на Израел го променија статус квото. Настаните во Сирија во последните денови се уште еден доказ дека војната која го зафаќа Блискиот Исток ескалира, а не стивнува, пишува Би-би-си во анализата на ситуацијата.

Во текот на деценијата од војната по 2011 година, владеењето на Башар ал Асад преживеа бидејќи тој беше подготвен да ја скрши Сирија за да го спаси режимот кој го наследи од неговиот татко.

Асад преживеа благодарение на Русија и Иран, но…
Во ова, тој се потпираше врз моќните сојузници, Русија, Иран и либанскиот Хезболах. Тие интервенираа на негова страна против бунтовничките групи кои варираа од џихадистичките екстремисти на Исламската држава до милитанти групи поддржани од САД и богатите монархии од Заливот.

Сега Иран е во неволја поради сериозните удари кои му ги нанесе Израел, со поддршка на САД. Неговиот сојузник Хезболах, кој ги испраќа своите најдобри борци да се борат за режимот на Асад во Сирија, е осакатен од израелските напади. Русија започна со воздушни напади во последните денови против бунтовничката офанзива во Сирија, меѓутоа нејзината воена моќ е речиси целосно посветена на војната против Украина.

Војната во Сирија не е завршена. Таа го „загуби“ своето место кое порано го заземаше во насловните страници на медиумите, делумно поради турбуленциите на Блискиот Исток и пошироко, но и поради тоа што на новинарите им е речиси невозможно да влезат во земјата. На некои места војната е прекината или замрзната, но дефинитивно не е завршена, пишува Би-би-си.

Бунтовниците ја освоија претходно непробојната тврдина на Асад – античкиот Алепо
Режимот на Асад никогаш не ја поврати моќта со којашто ја контролираше Сирија пред 2011 година, годината на Арапската пролет и бунтот во регионот. Во режимските затвори сè уште има голем број затвореници. Режимот на Асад до последните неколку дена ги контролираше поголемите градови, околните села и главните автопатишта кои ги поврзуваат.

Сега коалицијата на бунтовничките групи, предводена од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), излезе од Идлиб, провинција долж границата со Турција, и за само неколку дена од 27 ноември ги збриша сириските сили во серија зачудувачки напади, како што ја опиша ситуацијата висок меѓународен дипломат.

Два дена по почетокот на офанзивата, тие објавија фотографии од борците кои го зазедоа античкиот град Алепо, претходно непробојна база на владините сили меѓу 2012 и 2015 година, кога градот беше поделен помеѓу бунтовниците и силите на режимот.

Пронајдете не на следниве мрежи: