Мицотакис, говорејќи за надворешната политика, се осврна и на односите со нашата земја, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вечерва во интервју за телевизијата Стар, му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски јасно да каже дека го почитува Преспанскиот договор и да го користи уставното име на државата.
„Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“,
рече Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, говорејќи за надворешната политика, се осврна и на односите со нашата земја, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.
„Видов некои изјави на претседателката на Северна Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со Северна Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји“,
посочи тој.
Мицотакис го повтори ставот дека според Договорот има „многу проблеми кои ги гледаме сега во однос на признавањето на македонскиот јазик и националност“.
„Но, Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога и штом ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“,
рече грчкиот премиер.
Изминатите две недели, по заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Собранието, не стивнаа реакциите од грчката страна и од меѓународната заедница за непочитување на Договорот од Преспа.
Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, при повторувањето, користеше само Македонија.
Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно, а грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата.
Мицотакис во спротивно најавува дека Северна Македонија ќе наиде на затворен европски пат.
Пораките од Грција дополнително се засилија по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските и уставните одредби.
Според Мицкоски, свечената заклетва на претседателката Сиљановска-Давкова била достоинствена. Тој вели дека очекувал од Грција честитка, а наместо тоа „добивме, за жал, политички мускули“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на заканите за вето на Грција нема да одговори така што ќе ги повтори грешките од минатото, со менување имиња на автопати и градење споменици, туку ќе одговори со повици за меѓусебна соработка и добрососедски односи.
Сиљановска-Давкова вчера изјави дека не го прекршила Преспанскиот договор кога ја давала свечената изјава во Собранието. Таа нагласи дека го почитуваДоговорот од Преспа, нагласувајќи дека изјавата ја потпишала со актуелното име, но, како што рече, верува во слободата на изразување.
„Јас го почитував Преспанскиот договор и сега го почитувам. Јас ја потпишав изјавата со актуелното име, името од Преспанскиот договор. Меѓутоа, јас исто така верувам во слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување, која не само што може да биде колективна и да се однесува на народите туку може да биде и индивидуална. Значи, за мене, слободата на мислата како дел од Универзалната декларација за слободите и правата, како дел од Конвенцијата за заштита на слободите и правата, како дел од Конвенцијата на ЕУ за фундаментални права, им овозможува на луѓето да се изјаснуваат по сопствено наоѓање и јас не гледам тука дека сум го повредила Преспанскиот договор“,
изјави вчера претседателката.