Мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан вчера беа прекинати, но прекинот на огнот меѓу двете соседни земји засега останува на сила.
Двете земји со децении се во конфликт околу границите, тероризмот и контролата врз ресурсите.
Граница што никогаш не е призната
Коренот на конфликтот е линијата Дуранд – границата меѓу Пакистан и Авганистан, воспоставена во 1893 година со договор меѓу Британската индиска империја и Емиратот Авганистан. Линијата долга 2.640 километри поминува низ области населени со Паштуни и ги дели племињата кои никогаш не ја признале границата.
По поделбата на Британска Индија во 1947 година, Пакистан ја наследи границата, но Авганистан никогаш официјално не ја прифати, што предизвика години на тензии и повремени конфликти.
Порозна граница и милитантни групи
Паштуните живеат од двете страни на границата и често ја преминуваат неконтролирано, што Пакистан го смета за безбедносен ризик. Двете земји се обвинуваат меѓусебно дека им даваат засолниште на милитантните групи кои напаѓаат од другата страна на границата.
Границата е исто така важна рута за шверц со дрога. Авганистан е најголемиот светски производител на опиум и хероин, а голем дел од трговијата поминува низ Пакистан, што дополнително ги затегнува односите.
Судири околу лидерот на Талибанците
Најновиот конфликт избувна откако Пакистан побара екстрадиција на лидерот на Талибанците „Техрик-е“, Нур Вали Мехсуд, кого го сомничи за десетици терористички напади. По неуспешните обиди за атентат со воздушни напади врз Кабул, авганистанските Талибанци возвратија со напади врз позициите на пакистанската војска во Курам и Северен Вазиристан, при што загинаа најмалку 58 војници и зазедоа 25 гранични пунктови.
Потоа Исламабад ги затвори главните премини, прекинувајќи ја трговијата и движењето на цивилите.
„Не можеме да живееме помеѓу војна и мир“
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека неговата земја нема да толерира ситуација „помеѓу војна и мир“. „Доколку ситуацијата не се реши дипломатски, Пакистан нема да се двоуми да преземе неопходни мерки за да го заштити својот територијален интегритет еднаш засекогаш“, рече Асиф.
Привремениот авганистански премиер Мула Хасан Ахунд возврати дека Авганистан нема да попушти „дури и под закана од војна“.„Логиката дека бомбардирањето на Авганистан ќе го доведе во подредена положба не функционира за Американците две децении, а нема да функционира ниту за Пакистан“, рече Ахунд.
Аналитичарите: отворена војна е малку веројатна
Според индексот „Глобал фаерпауер“, Пакистан е на 12-то место по воена моќ во светот, а Авганистан е само на 118-то место. Пакистанската армија има повеќе од 650.000 активни војници, нуклеарен арсенал и модерно оружје, додека талибанската армија има главно лесно оружје и искуство во герилско војување.
И покрај воената супериорност, аналитичарите не очекуваат тотална војна. „Конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан е бесмислен и претставува загуба за двете страни“, рече Абдул Сајед, експерт за џихадизам на Универзитетот Лунд. „Дипломатијата и соработката се единствениот начин да се избегне катастрофа“.
The post Пакистан и Авганистан на работ на војна: Зошто се во конфликт со години? appeared first on Во Центар.



