Горан Пандев е подготвен да продолжи да игра фудбал уште една година, одлука што најдобриот македонски фудбалер на сите времиња ја има донесено, но ќе ја соопшти по завршувањето на заслужениот одмор што го зема по настапот за националниот тим на ЕВРО 2020. „Гранде Пандев“ објави дека ја завршува репрезентативната кариера, но тоа нема да значи и негово збогување со фудбалот.
Нашиот ас имаше бројни извонредни настапи во дресот на Џенова, по што бројни „фаци“ во италијанскиот фудбал предводени од Антонио Конте апелираа до Пандев дека има да покаже уште многу на терените и дека не треба да се пензионира. Ваквите пораки очигледно допреле до Македонецот, кој до неодамна делуваше решено да се збогува од активното играње, но во меѓувреме го променил својот став.
Понудата од Џенова е отворена, тренерот Балардини не крие дека сака Пандев да остане уште една година, а се чека само на одговорот на македонскиот интернационалец. На крајот, тој за радост на приврзаниците на Џенова ќе биде позитивен, по што Пандев и во следната сезона ќе биде еден од главните адути на овој клуб, со можност потоа да остане како дел од управата на Џенова.
Прашањето околу репрезентативната кариера дефинитивно е затворено, иако не се исклучува можноста Пандев да биде повикан од новиот селектор Милевски за еден последен меч, за на домашен терен во Скопје да се збогува од дресот со националниот грб.