Партизација на МЗШВ?! Зошто Трипуновски стопира оглас за вработување од 2023 година?

Почнува ли уште во првите сто дена од формирањето на Владата вдомување на партиски активисти во државните институции на сметка на долгогодишни вработени во МЗШВ?

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во последните неколку денови има низа скандали, меѓу кои и малтретирање на вработени од страна на роднини на премиерот Мицкоски.

Овојпат објавуваме документи за активности на министерот Цветан Трипуновски кој стопира оглас за вработување на неопределено работно време во Министерството.

Да почнеме со ред. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 30.12.2023 година објавува Оглас за вработување. Процедурата тече и застанува во фазата за интервју на селектираните кандидати, но процесот привремено се запира, согласно Закон, поради изборниот процес во 2024 година. Процесот требало да продолжи да тече, односно да се интервјуираат селектираните кандидати и оние кои ќе ги исполнат сите услови да бидат вработени на неопределено работно време.

Но процесот не продолжил согласно законските определби, односно новоименуваниот министер Цветан Трипуновски уште на првиот ден како министер потпишува документ за запирање на огласот. Испратен е и допис до Агенцијата за администрација, но со погрешен датум, односно наместо 24.06.2024 година на документот стои 24.07.2024 година, со што документот не може да стапи во сила.

На веб-страницата на Агенцијата за администрација стои дека огласот е во тек, но сите процедури се запрени, а кандидатите се во неизвесност и се сомневаат дека станува збор за обид наместо професионални кадри кои ги поминале сите фази за вработување по огласот, на истите позиции да се вдомат партиски активисти.

Како што дознаваме од извори од Министерството, за ситуацијата е информиран лично пемиерот Мицкоски со цел да преземе мерки за луѓето кои работат на неопределено по повеќе од пет години да можат конечно да ја добијат работната позиција која ја заслужуваат, но премиерот не реагира на нивните барања.

Ние му поставивме прашања и лично на министерот Цветан Трипуновски, како и на официјалниот мејл за комуникација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но два дена никој не не удостои со одговор.

Министерот и министерството ги прашавме од кои причини е прекинат огласот за вработување на неопределено време во МЗШВ од 30.12.2023 година, истиот оглас бил во фаза за интервјуирање на кандидатите, запрен е поради изборниот процес, по што министерот го стопира?

Претходно министерот изјави дека огласот бил стопиран затоа што бил објавен во 2024 година, но веројатно мислел на друг оглас бидејќи овој е од 2023, а нема законски основ за поништување и стопирање на огласот.

Дополнително, вработени во Министерството се пожалија дека се прерасределуваат на работни позиции во други градови, нешто што за жал е пракса во македонската администрација при промена на власт, односно алатка за малтретирање на политички неистомисленици.

Го прашавме министерот и по кој критериум се вршат прераспределувања на вработени од еден во друг град или регион, како се селектира кој вработен ќе биде прераспределен, но одговор не добивме ниту на ова прашање.

Инфомакс претходно пишуваше за тортура на вработените во МЗШВ од лица блиски до премиерот Мицкоски, односно брачен пар кој е во роднински врски со премиерот.

Пронајдете не на следниве мрежи: