Партијата на Меркел против датум за преговори во јуни

Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се против брз почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија за приклучување кон ЕУ. Одлука веројатно ќе биде донесена во октомври, вели Гунтер Крихбаум од ЦДУ, а пренесува “Дојче веле“.
Гунтер Крихбаум вели дека одлука во јуни сигурно нема да има.
-Додека се донесе одлука ќе дојде октомври, вели претседателот на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Гунтер Крихбаум од Христијанско-демократската унија. Тој за агенцијата ДПА оценува дека “сигурно нема да има ништо“ од позитивно изјаснување на 28-те земји членки на Унијата веќе на средината од јуни.
Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот (СПД), пак, притиска за брз почеток на преговорите. “Сега ЕУ треба да испорача“, пишува Рот во гостински коментар за весникот “Франкфуртер алгемајне цајтунг“. “Треба да го одржиме ветувањето“, пишува Рот, кој оценува дека Северна Македонија и Албанија направиле “опиплив напредок“.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини денес во Европскиот парламент и во ЕК ќе ги презентираат најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.
Одлуките на земјите членки, во секој случај, ќе се водат од заклучоците на извештаите на Европската комисија кои се објавуваат денес. Во тој поглед ќе биде важно да се нотира дали и какви разлики ќе има во формулацијата за Македонија и за Албанија.
Извештаите ќе им биде презентирани на европратениците денес во Брисел во 11:30 часот, а потоа пред Европската Комисија по средбата на колеџот на комесари, најавија прес-службите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.