Патарината во Србија од 1 јануари ќе се зголеми за девет отсто, најави в.д. директорот на јавното претпријатие „Патишта Србија“ Зоран Дробњак.
Дробњак изјави дека Владата на Србија го одобрила зголемувањето на патарините.
– Ако цената на патарината за првата категорија возила на делницата Белград – Прешево е 1.490 динари (12,6 евра), сега по поскапувањето ќе биде 1.624 динари (13,8 евра), изјави Дробњак.
Цената на делницата Белград – Димитровград сега е 1.310 динари, а доколку се зголеми цената ќе биде 1.427 динари.
За делницата од патот Белград – Шид, патарината е 420 динари, а ќе биде 457 динари. За делницата Белград – Суботица патарината сега е 640 динари, а по поскапувањето ќе биде 697 динари. Патарината за делницата Белград-Ниш е 890 динари, а од 1 јануари возачите ќе ги чини 970 динари.
Со измената на Одлуката за висината на патарините, изменети се и попустите за електронска наплата (ЕНП), каде за уплати од 20.000 до 50.000 динари попустот ќе биде четири отсто, за уплати од 50.000 до 100.000 шест отсто, и осум отсто за уплати над 100.000 динари.