Првпат патнички авион со гориво добиено на одржлив начин го прелета Атлантикот. Британското министерство за сообраќај цени дека „почна иднината на летањето“.
Авиосообраќајот важи како голем загадувач на животната средина. Одржливоста до скоро беше туѓ поим. Но, таа сега го зафати и авионскиот превоз. Боинг 747 на Вирџин Атлантик леташе за Њујорк со резервоари што беа целосно наполнети со гориво САФ.
Одржливоста станува тема и во авиосообраќајот. Според британското министерство за сообраќај, „почна иднината на летањето“. Боинг 787 Дримлајнер на авиокомпанијата Вирџин Атлантик, наутро во вторникот полета од лондонскиот аеродром Хитроу, на пат до Њујорк. Користеното гориво САФ (Сустејнабл Авиејшн Фјул, одржливо авионско гориво) било произведено од отпадни масти, што не може да се користат во прехраната.
Браншата се наоѓа под притисок во борбата против климатските промени. Се цени дека авиосообраќајот учествува со 2,5 проценти во вкупната емисија на ЦО2 во светски рамки. Штетно влијание имаат и останатите честички и гасови, што се создаваат при согорувањето на горивото.
Експертите објаснуваат дека различните ефекти од штетните материи во издувот на авионите се два до пет пати поштетни отколку самата количина на ЦО2 што тие ја испуштаат. Горивата САФ помагаат да се надмине тоа штетно влијание, но во ограничен обем. Студиите покажуваат дека барем се спречува создавањето на трагите од кондензација што се штетни за климата.
САФ и покрај тоа ѝ се значајни на индустријата, додека уште не се на повидок авиони со погон на батерија или водород. Во исто време се работи на зголемување на ефикасноста на погонот и се преземаат мерки за компензирање на штетната емисија.
Под ознаката САФ се опфатени сите горива што не се од фосилно потекло и се од одржлива природа. Во основа, САФ може да се произведе од старо масло од фритези, од отпадоци од подготовка на месо и риба, како и од растителни масла и од нивните остатоци.
Првиот лет преку Алантикот покажа како може да се постигне декарбонизација во авиосообраќајот и како значително да се смали емисијата, кажува британскиот министер за сообраќај Марк Харпер.
Тој присуствуваше на летот, исто како и основачот на Вирџин, Ричард Бренсон, и шефот на Вирџин Атлантик, Шаи Вес. Британската влада го подржа потфатот со еден милион фунти (околу 1,15 милион евра). Велика Британија до 2025 година ќе изгради најмалку пет фабрики за САФ.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.