Провладините медиуми, извори од МВР, а на кај и МВР официјално во соопштение пишуваше дека од 10-тината полициски службеници кои се осомничени во последниот бран за пожарот во Кочани едно лице е недостапно за органите на прогонот.
Провладините медиуми повикувајќи се на извори од МВР тврдеа дека наводно полицискио службеник е побегнат и е надвор од државата.
Инфомакс пак беше контактиран од членови на семејството кои велат дека полицискиот службеник кој е во пензија во ниту еден момент не бил исконтактиран од полицијата иако веднаш било соопштено каде се наоѓа лицето.
Како констатирале дека е во бегство кога никој не го побарал човекот? – запрашаа вчера синот на полицаецот кој е во пензија во разговор со Инфомакс.
– Јас сум син на полицаецот кој се води дека е во бегство, мајка ми исто е вработена во МВР и цел ден беше на работа во ПС Штип и никој не ја прашал каде е маж ѝ, мене никој не ме прашал, кај нас дома никој не дошол да праша каде е татко ми, вели во разговор со Инфомакс Славче Димитров, син на полицискиот службеник за кој Тошковски тврди дека е во бегство.
Сопругата на полицискиот службеник, Силвана, потресено раскажува за нечовечкиот однос на лица од внатрешна контрола на МВР кон нејзината ќерка, која исто така е вработена во МВР, а за која по социјалните мрежи се шират навреди и невистини.
– Не е точно дека од ќерка ми се излезени информациите дека ќе се апси, таа не е повеќе во внатрешна контрола, нема како да ги знае информациите, исто и до мене не можат да дојдат такви информации, вели соругата.
– Маж ми единствено е побаран преку ќерка ми, вчера ѝ се јавуваат од внатрешна контрола и ѝ викаат „кажи каде е татко ти, треба да го апсиме, ако не кажете знаете ли што ќе се случи?“. Ќерка ми веднаш дојде во Штип за да видиме каде е татко ѝ, заканата од лицето Џавид од внатрешна контрола е пријавена, но колегите не го бележат тоа како кривична пријава, туку заведена е само поплака. Мене не ме ни пуштија во ПС Штип, на капија ми рекоа дека началничката рекла да не ме пуштаат на капија. Јас се колнам во моите три деца, ова што го кажувам е вистина, раскажува сопругата на полицискиот службеник која додава дека и денеска нејзината ќерка ќе отиде во станица и со медицински извештај ќе поднесе кривична пријава за вработениот од МВР кој ѝ упатил закани.
Токму денес обвинителството ги демантираше сите наводи дека лицето е во бегство.
На прашањето дали полицискиот службеник кој наводно беше недостапен се пријавил во Обвинителството, накусо одговорија дека „ утринава се пријави и сега е пред судија на претходна постапка“.