Пеевски бара Николоски да биде прогласен за персона нон грата во Бугарија

Претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски смета дека доколку во Бугарија има соодветни државни институции и служби, вицепремиерот и министер за транспорт во македонската Влада, Александар Николоски веднаш треба да биде прогласен за персона нон грата во неговата земја. Како што пренесуваат бугарските медиуми, според него, „тоа е најмалку што треба да се направи по систематското сеење омраза кон Бугарија и бугарскиот народ“.

-Дрскоста и ароганцијата во однос на Бугарија, нејзините демократски избрани институции, демонстрирана од проруската влада на Мицкоски е јасно одговор на категоричната евроатлантска позиција на нашата земја.

Инсистираме на итни мерки како одговор на провокациите, кои треба да бидат конзистентни и категорични, нагласил Пеевски.

Лидерот на партијата оценува дека „проблемот веќе не може да се реши со едно формално извинување“.

-Раздорот е вредносен и се спротивставува на два света – оној на евроатлантските демократии и оној на пропутинската, антидемократска закана.

Како европска држава не можеме да останеме пасивни или псевдодипломатски, туку мораме да ја заштитиме честа и достоинството на Бугарија и на бугарските граѓани, оти во спротивно би учествувале во легитимирање на јасни канали на проруско влијание во срцето на Европа, додал Пеевски.

По сите овие реакции, вицепремиерот Николоски рече дека останува зад сето она што го кажал, односно дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата што ја претставува. Ова се однесува на средбата на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев во Софија.

Пронајдете не на следниве мрежи: