Кинеската влада денеска соопшти дека одлуката на САД да ги изземе паметните телефони, компјутерите и другите електронски производи од дополнителни царини е „мал чекор кон корекција на американската лоша пракса“.
„Оваа одлука е мал чекор за САД да ја поправат својата лоша пракса на еднострано одлучените реципрочни царини“, рече портпаролот на кинеското Министерство за трговија во соопштението.
Тој додаде дека Пекинг сега го проценува влијанието на одлуката.
Соединетите Држави, кои се среде трговска војна со Кина, одлучија да ги изземат паметните телефони и компјутерите од неодамнешните тарифни мерки наметнати од претседателот Доналд Трамп, соопшти вчера американската царинска служба.
Овие исклучоци се однесуваат на електронските производи увезени во САД од Кина, на кои Трамп воведе царини од 145 проценти.
Полупроводниците се ослободени од тарифата од 10 отсто што се однесува на повеќето американски трговски партнери.
Овие одлуки претставуваат олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на ризик да се соочат со зголемување на цените за овие популарни производи.
Трговската војна што ја започна Трамп се претвори во дуел откако тој во средата објави дополнителни царини за Кина од 125 отсто, истовремено кога ги одложи царинските мерки за околу 60 други трговски партнери за 90 дена.
Републиканскиот милијардер веќе воведе царини од 20 отсто на Пекинг за наводно да го казни за лабораториите за производство на фентанил, опиоидот одговорен за сериозната здравствена криза во САД.
Пекинг одговори во петокот најавувајќи дека ќе ги зголеми царините за сите американски производи кои влегуваат на нејзина територија на 125 отсто. Таа мерка стапи на сила вчера.
И покрај ескалацијата меѓу двете водечки економски сили во светот, Трамп во петокот рече дека е оптимист за постигнување договор со Пекинг.