Пендаровски – Ескобар: Билатералните односи со одлична динамика како потврда за македонско-американското партнерство

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД се одвиваат со одлична динамика, како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство, оценија на денешната средба во Охрид претседателот Стево Пендаровски и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Пендаровски – Ескобар: Билатералните односи со одлична динамика како потврда за македонско-американското партнерство

Како што информираа од Кабинетот на шефот на државата, во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, Пендаровски го информирал Ескобар за одвивањето на скрининг процесот и следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.

На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Косово Албин Курти, а кој се одржува во Охрид под покровителство на Европската Унија, известуваат од кабинетот на Пендаровски.

Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека одржувањето на преговорите во Охрид е признание за нашата земја, која во изминатите години направи повеќе компромиси за одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, демонстрирајќи дека може да функционира како вистинска мултиетничка демократија.

Тој додаде дека прашањето на дијалогот Белград-Приштина е исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција, истакнуваат од Кабинетот на претседателот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.