Пендаровски: Неспорно е дека Гоце Делчев е еден од темелите на македонската државност

Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за ТВ “Сител“ запрашан за можноста да се постигне договор за тоа чив е Гоце Делчев рече дека тоа е неспорно. Според него, Делчев е еден од темелите на македонската државност кој се борел за автономна и самостојна Македонија.
– Еве ви еден практичен пример. Денес, јас или вие ако бараме бугарско државјанство мора да се пишеме, не само ние туку и сите наши предци дека се Бугари, дали е точно тоа или не меѓутоа за да добиете бугарско државјанство во 2019 вие мора да се пишете за Бугарин. И сега сакате да ме убедите дека во тој историски контекст, повторувам и инсистирам на тоа, во тој историски контекст 1900 – 1901 година дека Гоце Делчев можел да се пише Македонец? Такви биле околностите во тој период, рече Пендаровски во интервјуто за ТВ “Сител“.
Пендаровски вели дека е неспорна каузата за која се борел Делчев и бара тоа двете страни да го констатираат.
– Неспорно е дека тој е еден од темелите на македонската државност. Што е спорно околу тоа?, рече Пендаровски. 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.