Бон и Пон се пар од Јапонија кој докажува дека не е доцна да ги остварите своите соништа и да живеете забавно.
Тие воодушевуваат со своите модни комбинации, а дури креирале и линија на облека и модни додатоци кои ќе се продаваат во јапонските продавници. На Инстаграм имаат повеќе од 700 илјади следбеници кои нетрпеливо ги чекаат нивните следни фотографии.
“Не станува збор само за тоа да бидеме меѓусебно координирани туку пробуваме да избереме облека која ја надополнува и нашата околина. Среќни сме што во медиумите нè опишуваат како стилски икони. Ние носиме едноставна, евтина облека која секој може да си ја приушти”, вели Цујоши.
Овој симпатичен пар се запознал во студентските денови – и двајцата посетувале уметничко училиште во Токио. По завршувањето на студиите, тој работел во полето на дизајн и маркетинг, а таа се грижела за семејството.
Парот е во брак 38 години, а за славата која не ја планирале ниту очекувале, можат да ѝ се заблагодарат на нивната ќерка. Таа почнала да ги фотографира и да ги објавува фотографиите на својот Инстаграм профил, а реакциите биле толку позитивни и неверојатни што Цујоши и Томи одлучиле да направат свој профил и со тоа да внесат повеќе забава во своите пензионерски денови.
“Сега сме сами и конечно имаме време да го направиме сето она за што сме немале време додека сме го одгледувале семејството и сме работеле. Сакаме да покажеме дека пензионерството може да биде забавно, особено доколку пронајдете нешто во кое и двајцата подеднакво ќе уживате”, додал тој.
Нивната колекција која наскоро ќе се најде во продажба, е симпатична токму како и тие.