Функционер на Пентагон потврди дека руските воени сили влегле во американската воздушна база во Нигер.
Ваквиот след на настаните доаѓа откако воената хунта донесе одлука за протерување на американските сили од земјата.
Воените офицери кои ја водат западноафриканската држава му кажаа на Вашингтон да ги повлече своите војници од земјата, која до ланскиот воен пуч беше клучен партнер во борбите против локалните бунтовници и џихадистите.
„Руските сили не се мешаат со американските, туку се сместени во посебен хангар во базата, која се наоѓа близу меѓународниот аеродром во главниот град Нијамеј“, изјави американски функционер.
Потегот на Нигер ги стави американските и руските трупи во непосредна близина во времето кога двете земји се во тензични односи поради војната во Украина.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека не постои никаков ризик за американските трупи, ниту пак руските сили би можеле да дојдат блиску до американска воена опрема.