Песков: Очекувањата за средбата Путин-Трамп се големи, но работите се покомпликувани

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, денеска изјави дека очекувањата на јавноста и на новинарите се граничат со максимализам, но дека реално ситуацијата е посложена и дека е потребно повеќе време за да се подготви средбата меѓу Путин и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

– Очекувањата на јавноста и очекувањата на новинарите секогаш се граничат со максимализам. Во реалноста, ситуацијата е малку поинаква, многу е посложена, бара повеќе работа, бара повеќе време – изјави Песков за телевизијата „Русија 1“.

Според него, размената на посети меѓу специјалните претставници на Русија и САД е многу активна и стана речиси редовна, пренесе РИА Новости.

Песков ги оцени меѓусебните посети на специјалниот претставник на рускиот претседател Кирил Дмитријев и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф како „сигурен канал“ за лидерите на Русија и САД да си ги соопштат своите ставови.

– Претседателите ги слушаат пораките што се пренесуваат на овој начин и имаат можност да ја проценат реалноста на состојбата на работите и вистинскиот пристап во преговорите – рече Песков.

Пронајдете не на следниве мрежи: