Пратеничката и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, соопшти дека Апелациониот суд во Скопје ја потврдил првостепената пресуда со која утврдил дека пратеникот Драган Ковачки извршил клевета и навреда во случајот поврзан со обвинувањата за наводно непријавен имот.
Петровска потсети дека пред три години Ковачки на повеќе прес-конференции јавно ја обвинил дека поседува „хациенда со базен“, која, како што тврдеше, не ја пријавила согласно законските обврски.
„Тогаш најодговорно тврдев дека не поседувам скриен имот и дека посочениот имот никогаш не бил мој. Но, упорно и континуирано се ширеа лаги и дезинформации со единствена цел да се нарушат мојот углед и чест“, наведе Петровска.
Таа посочи дека, и покрај, како што тврди, обидите на Ковачки да ги одолговлекува судските постапки, вистината излегла на виделина. Според неа, на седницата одржана на 23 април 2026 година, Апелациониот суд Скопје ја потврдил првостепената одлука за клевета и навреда.
Петровска оцени дека станува збор за „демаскирање на лагите“ со кои, според неа, ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт, додавајќи дека политичките конструкции и напади остануваат нивна алатка и денес.
„Вистината може да биде напаѓана, одложувана и извртувана, но на крајот сепак излегува на виделина. Како што дошле со лаги, така и ќе си заминат кога граѓаните ќе одлучат“, порача Петровска.
The post Петровска по цели 3 години до вистината : Апелација потврди дека Ковачки ме клеветел за „хациендата со базен“ appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



