Планот на Трамп не му се допаѓа на Путин: Рускиот лидер брза да го врати Курск пред 20 јануари

Идејата за демилитаризирана зона меѓу Русија и Украина како дел од наводниот мировен план на САД е неприфатлива за Русија, пишува хрватски Индекс. Причината е што од украинската страна на фронтот би патролирале европски војници.

Европските трупи, како што наведува медиумот, би патролирале na околу 80% од територијата на Украина, а тоа фактички би значело дека Украина неформално би била дел од НАТО. Ова е спротивно со целите за „демилитаризација“ и „денацификација“ на Украина за кои се залага Москва.

Наводниот мировен план на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го објави „Волстрит Џурнал“, а беше исмеан од Кремљ како „план на Волстрит Џурнал“. Во написот се вели дека блиските советници на Трамп му сугерирале демилитаризирана зона од барем 1.200 километри и условена помош за Украина во замена земјата да остане надвор од НАТО во следните 20 години.

Но, дали овој план му одговара на рускиот лидер Владимир Путин?

Британски „Телеграф“ пишува дека Путин со 50.000 војници, меѓу кои и севернокорејски трупи, брза да ги врати териториите од регионот Курск кои ги освои Украина.

„Сојузниците на НАТО веруваат дека Путин се надева дека ќе ја врати територијата изгубена од Украина пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари“, се вели во статијата.

Според украинскиот главен командант Сирски големата руска офанзива веќе започнала.

Во неделата западните медиуми објавија дека Трамп остварил телефонски повик со Путин велејќи му да не ја ескалира војната во Украина. Ден подоцна Кремљ ги демантираше наводите како ноторна лага.

Трамп не може да влијае на Путин, но ќе ја притисне Украина?

Според аналитичарот Мајк Војгер, Трамп ќе бара „мир заради мирот“ во Украина и подготвен да изврши притисок за прекин на огнот на штета на Украина.

– Секој договор предложен кога Трамп ќе се врати на функцијата најверојатно ќе дојде како резултат на притисок врз Украина со закана дека ќе ја запре виталната помош – рече за „Скај Њуз“ оранешен специјален советник за руски и евроазиски прашања на командантот на американската војска во Европа.

Војгер доде дека Трамп „нема моќ да влијае на однесувањето на Путин“.

Додека растат шпекулациите за идните односи САД-Русија, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, денеска во Пекинг му рече на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји дека најитната задача за нивните две земји треба да биде да се спротивстават на американскиот притисок да ги заузда Русија и Кина.

На Трамп му се допаднале две точки од планот на Зеленски
„Фајненшл тајмс“ објави дека Трамп изразил интерес за две од петте точки од „Планот за победа“ за време на средбата со Зеленски во септември во Њујорк. Двата предлози биле дизајнирани со идејата дека Трамп може да стане американски претседател и да ја сопре воената поддршка за Киев.

Првиот предлог предвидува да се заменат дел од американските војници стационирани во Европа со украински сили по војната. Другиот предлог предвидува Украина да ги сподели своите клучни природни ресурси со Западот.

Одделно, деловните лидери во Украина, исто така, преговараат со украинската влада за да му понудат на Трамп овластувања за „инвестициска проверка“, што ќе му овозможи практично да избере кој може да работи во Украина.

Кој било, освен Кина
Едно лице вклучено во планирањето на предлогот ја опиша идејата како „Кој било освен Кина“, што може да биде особено корисно за Трамп. Имено, украинските индустрии кои зависат од кинеската технологија и материјали, како што се телекомуникациите, би можеле да се префрлат на американски добавувачи и да привлечат повеќе западни инвестиции, вели изворот на ФТ.

Идејата е во рана фаза, но некои деловни лидери блиски до кабинетот на претседателот веруваат дека тоа би можело да му се допадне на Трамп.

Досега, сојузниците на Украина на Запад реагираа прилично млако на украинскиот „План за победа“, а особено на идејата формално да се покани Украина во НАТО и да ѝ се обезбеди помодерно оружје.

Украина стравува дека САД ќе ја сопрат воената помош иако Зеленски го опиша телефонскиот разговор со Трамп по изборите во САД како одличен.

Бајден брза да ѝ го достави кусурот од 6 милијарди долари на Украина
Во меѓувреме, американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, брза да ѝ ги достави преостанатите шест милијарди долари воена помош на Украина. Администрацијата на Бајден вети дека ќе ги даде преостанатите пари за Украина одобрени од Конгресот во следните 10 недели.

Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон се заложија да го убедат Бајден да ѝ даде дозвола на Украина да ги употреби ракетите „Сторм Шадоу“ со долг дострел на руска територија.

Киев долго време бараше зелено светло за ракетите, а барањето неформално беше дел од „Планот за победа“ на украинскиот лидер Володимир Зеленски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.