Платите на функционерите треба да останат какви што се, но да се зголеми квалитетот и одговорноста

Ако ништо не се смени, тогаш да, платите од 2 000 евра се многу големи, затоа што нестручни кадри и понатаму ќе работат, економијата ќе тоне и ќе бидеме и понатаму најнесреќната земја, не во Европа, во светот – вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Од новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, смета дека платите на функционерите треба да си останат такви какви што се, но да се подобри квалитетот на кадрите и да има одговорност.

Власта се реши за намалување на коефициентите за да не пораснат платите на функционерите во 2024 година дополнително на 78 отсто од минатата година што предизвика реакции во јавноста.

„Јас мислам дека во Македонија најголемиот проблем со којшто се соочуваме е проблемот на изборот на кадри и луѓето што ги заземаат тие позиции. Значи, ако го погледнеме банкарскиот сектор, ако погледнеме еден друг дел од приватниот сектор, ќе видиме дека платите се многу повисоки отколку на кој било министер. Не е проблемот што некој министер има плата 2 000 евра. Знаете каде е проблемот? Проблемот е во тоа што не работат, не одговараат на задачите, не се со соодветно образование“,

вели Димитриеска-Кочоска.

На новинарска констатација дека нејзиниот одговор е поинаков од досега пласираниот став од ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема, но и дека не може да се очекува добри и квалитетни кадри да се нафатат на јавни функции ако платите се ниски, Димитриеска-Кочоска вели дека државата, генерално, има проблем со кадрите на политички функции.

„Секој квалитетен и стручен работник од која било област ќе продолжи да работи во својата сфера, затоа што, прво, не е мотивиран. Вели – платата ми е многу повисока таму каде што работам, отколку да работам јавна функција. Второ, сите ме критикуваат, нели кога ќе станете јавна личност, сите очи се вперени во вас и тоа е исто така да кажеме тежина којашто ја носиш и, на крајот, по мене многу битно, велат – ниту имам право да одлучувам и да дојде до израз моето знаење и искуство, затоа што некој таму поради политички, коалициски и не знам какви правила на игра, ќе ме усмерува – направи ова, направи тоа, ќути ваму, ќути таму, не кажувај… Тоа треба да се смени. Ако се менува тоа, а јас цврсто сум убедена дека ќе се смени, значи дека платите треба да си останат такви какви што се, меѓутоа да се подигне нивото на квалитет да речеме на политичарите коишто ќе седнат во одредени позиции и коишто ќе треба да одлучуваат. Притоа, да има сериозна одговорност, секој еден којшто ќе работи спротивно на законот да си заврши на суд и во затвор, зависно од тоа што го направил и тука немам апсолутно никаква дилема. Ако ние ова не го смениме, тогаш да, платите од 2 000 евра се многу големи, затоа што нестручни кадри и понатаму ќе работат, економијата ќе тоне и ќе бидеме и понатаму најнесреќната земја, не во Европа, во светот“,

вели Димитриеска-Кочоска.

Пронајдете не на следниве мрежи: