Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во петокот му порача на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дека Македонија доживеала премногу неправда на патот кон Европската унија и дека Хрватска ќе продолжи да се залага за забрзување на тој процес.
„Мислам дека од македонска страна се направени толку многу отстапки, што ретко кој народ и ретко која земја би прифатила да направи толку чекори од своја страна за да го забрзат својот пат кон членство во Европската унија“. Тој додаде дека го охрабрува фактот што поддршката во Македонија за европска интеграција е сепак висока, околу 70 проценти.
Мицкоски кој е во официјална посета на Загреб, а воедно ова е за него прва странска посета по преземањето на функцијата, призна дека „многу е тешко и болно да се користи придавката „северна“ на сите официјални состаноци“. Кажа дека тоа е „реалноста“ и дека е потребно само „малку да им се отворат вратите“ и конечно да почнат преговорите.