Повторно кивате? Сигурно е дека не сте единствени, затоа што есента дефинитивно е најдобрата сезона на настинките и може да направи веќе тмурните есенски денови да бидат уште потмурни. Не грижете се, ова се 7 едноставни чекори кои ќе ви помогнат да ја победите.
Чекор 1: Редовно мијте ги рацете
Најдобриот начин да се борите против лошите есенски настинки е да се заштитите од нив. Бидејќи поголем дел од бактериите се шират поради контакти со други лица или други површини и предмети кои сите ги допираат, најлесниот начин за да ги намалите шансите за настинка е редовно да ги миете рацете со топла вода и сапун секогаш кога ќе имате можност. Ова е посебно важно за сите кои секојдневно контактираат со повеќе лица или пак користат јавни тоалети, превоз и сл.
Чекор 2: За време на есента бидете активни
Друг ефикасен начин за да се чувате од есенската настинка е да бидете сигурни дека вашето тело е спремно да се бори против нив. Како да го направите тоа? Најлесниот начин е да бидете активни за време на мократа и студена есен и да го одржувате вашиот имунитет. Секако, трчање или пак возење велосипед можеби нема да биде една од најдобрите работи за време на тмурната есен, но лесно може да ги замените овие активности со групни часови по аеробик, пилатес или да си направите домашна и пријатна фитнес сала.
Чекор 3: Пијте многу чај
Секако дека е важно каков чај пиете. Најдобрите чаеви кои може да ги пиете за време на ладните денови и кои ќе ви помогнат да ги победите настинките најчесто се билните и овошните чаеви, а за дополнителни резултати треба само да додадете сок од лимон и лажица или две природен мед. Овој природен лек ќе го зајакне вашиот имунитет и ќе ве ослободи од непријатните симптоми на настинката, како што се затнатиот нос или болното грло.
Чекор 4: Престанете да пушите цигари
Доколку пушите цигари и продолжите да го правите тоа додека сте настинати, непријатните симптоми ќе станат уште понепријатни. Пушењето го намалува имунитетот, го иритира грлото, го отежнува дишењето и создава главоболки, па затоа држете се настрана од цигарите додека вашето тело се бори против настинката. И потоа, бидејќи најголемиот проблем ќе биде зад вас, можеби и ќе се откажете засекогаш од нив…што велите на тоа?
Чекор 5: Облечете се во топла облека
Колку пати кога сте биле дете сте слушнале дека не треба да излегувате на ладно време без долна маица? Ниските температури секако дека директно не ги предизвикуваат настинките (настинките се вирусни инфекции), но сигурно е дека ја уништуваат ефикасноста на имунитетот. Па затоа отворете го плакарот со зимски додатоци како што се шаловите, капите и ракавиците уште пред да дојде зимата. Некои луѓе можеби чудно ќе ве гледаат, но тие може да ги поминат наредните неколку дена во кревет, кога настинката ќе ги мачи, а вие ќе бидете здрави како дрен.
Чекор 6: Спијте доволно
Каква поврзаност имаат сонот и тоа да настинете? Всушност имаат многу заедничко – недостатокот на сон може значително да го намали имунитетот, со што вие ќе бидете склони на вирусни инфекции. А колку сон е доволно а да го одржувате имунитетот за време на есента? Зависи- но вообичаено е околу 8 часа сон во текот на ноќта за возрасните ( и дополнителни 2 часа за децата), но секако дека таа потреба може да зависи. Најдете ја оптималната потреба за сон и држете се до неа за вашето тело да може да се справи со вирусите доколку тие нападнат.
Чекор 7: Излегувајте
Сериозно, излезете од топлото ќебе кое ве грее во овие студени денови и поминете време надвор. Дури и ако сонцето не грее толку како во лето, сепак тоа е некаде меѓу облаците и му дава на вашето тело витамин Д, кој му е потребен на вашето тело за да може соодветно да работи. Само внимавајте, не поминувајте многу време во толпи од луѓе, бидејќи шансите да фатите настинка од другите се многу големи.