Повеќето луѓе заразени со коронавирусот не го шират. Еве зошто

По една роденденска забава во Тексас на 30 мај, еден човек наводно заразил со коронавирус 17 члена на неговата фамилија. Читајќи вакви вести, можеби ќе помислите дека вирусот е пожар кој инстантно предизвикува епидемија каде и да се појави. Но, други известувања носат сосема друга приказна.
Во Италија, на пример, научниците испитувале зачувани примероци на отпадна вода за да ги побараат најраните траги од вирусот. Минатата недела тие известија дека вирусот го имало во Торино и Милано уште од 18 декември. Но, поминале два месеца пред болниците во Северна Италија да почнат да се полнат со жртви на Ковид-19. Па изгледа како тие вируси од декември постепено да ги снемало.
Колку и да изгледа чудно, тие известувањa не се контрадикторни. Повеќето заразени луѓе не го пренесуваат коронавирусот на некој друг. Но, мал број можат да го пренесат на многу други во таканаречени настани на суперширење.
-Можете за тоа да размислувате како за фрлање чкорче во дрвца. Фрлате едно чкорче, па може и да не се запалат дрвцата. Фрлате друго, може пак да не се запалат. Но, тогаш едно чкорче ја погаѓа вистинската точка и одеднаш настанува оган – вели научникот Бен Алтхаус.
Научниците велат дека сфаќањето зошто некои чкорчиња предизвикуваат пожар, а некои не, ќе биде клучно за зауздување на пандемијата.
– Инаку сте во позиција каде што секогаш сте еден чекор зад вирусот – вели Адам Кучарски, епидемиолог во лондонската Школа за хигиена и тропска медицина.


Кога вирусот првпат се појави во Кина, епидемиолозите поитаа да сфатат како се шири од човек на човек. Една од нивните први задачи беше да се процени просечниот број на луѓе што ги заразува едно заболено лице или, како што го нарекуваат научниците, репродуктивниот број.
Новиот коронавирус излезе дека има репродуктивен број некаде помеѓу два и три. Не е возможно да се каже точен број бидејќи однесувањето на луѓето може да го олесни или отежни ширењето на вирусот. На пример, преку одење во изолација Масачусетс го намали репродуктивниот број од 2,2, колку што беше на почетокот на март, на 1 кон крајот на месецот, а сега е 0,74.
Овој просечен број исто така може да биде лажлив затоа што ја маскира варијабилноста на ширењето од едно лице на друго. Ако 9 од 10 лица не го пренесуваат вирусот воопшто, а десеттото го пренесува на 20 лица, просечниот број сè уште би бил 2.
Во некои случаи, како при грип или сипаници, голем дел заразени луѓе го пренесуваат патогенот на неколкумина други. Тие болести имаат тенденција на бавно и стабилно растење. Но, другите болести, како што се малите сипаници и САРС, се склони кон ненадејно избувнување со само неколку лица што ја шират болеста.
Епидемиолозите ја сфаќаат разликата меѓу разгорувањата и бавното ширење со нешто познато како параметар на дисперзија. Тоа е мерка за тоа колкава варијација има од лице до лице во пренесување на патоген.
Но, Џејмс Лојд-Смит, кој го развил параметарот пред 15 години, предупредува дека само затоа што научниците можат да го измерат, не значи дека тие разбираат зошто некои болести се шират повеќе од други.
– Ние само разбираме делови од тоа – истакнува тој.
Кога изби Ковид-19, Кучарски и неговите колеги се обиделе да го пресметаат тој број преку споредување на случаите во различни земји.
Ако Ковид-19 беше како грип, би очекувале епидемиите на различни места да бидат претежно со иста големина. Но, Кучарски и неговите колеги забележале големи варијации. Најдобриот начин за објаснување на оваа шема, утврдиле тие, било тоа дека 10 отсто од заразените биле одговорни за 80 проценти од новите заразувања. Што значи дека повеќето луѓе им го пренеле вирусот на само неколку лица.
Кучарски и неговите колеги ја објавиле нивната студија во април, но извештајот не бил прегледан од други научници и објавен во научно списание. Други епидемиолози го пресметале параметарот на дисперзија со други методи и дошле до слични процени.
На пример, во Џорџија, Кристин Нелсон од Универзитетот „Емори“ и нејзините колеги анализирале повеќе од 9.500 случаи на Ковид-10 од март до мај. Тие создале модел за ширење на вирусот во пет земји и процениле колку луѓе заразило секое лице. Во непрегледаното издание објавено минатата недела, истражувачите пишуваат за многу настани на суперширење. Само 2 отсто од луѓето биле одговорни за 20 отсто од трансмисиите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.