Повикот за награди на МАИ за 2025 година е објавен

Деветта последователна година, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ќе ги врачи своите награди за време на Саемот на книгата. Овогодишниот настан е планиран да се одржи од 8 до 14 мај, при што МАИ ќе ги награди најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го обележаа временскиот период од претходниот саем до годинешниот. Сите издавачки куќи од Македонија се повикани да учествуваат во конкурсот за наградите на МАИ, со нивните врвни изданија, автори и проекти во следните категории: (1) Најдобра едиција, (2) Најдобар дизајн на корица, (3) Најдобро ликовно-графички уредено издание, (4) Најдобра детска книга, (5) Автор на годината, (6) Најкреативно издание, (7) Поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.
И оваа година, МАИ се стреми да ги почести издавачите и нивните соработници, како писатели, графички дизајнери и илустратори, кои во периодот од минатиот до овој саем успеале да создадат уникатни и оригинални дела што придонесуваат за развојот на издаваштвото и културата во земјава, информираат од Асоцијацијата. На чекор пред големиот јубилеј, оваа година МАИ по деветти пат ќе ја оддаде чест на издавачите со највисоки достигнувања во оваа област. Сите издавачи се поканети да ги претстават своите најдобри дела од изминатата година и да се надметнат за овие престижни награди, напоменува Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи. Жири комисијата, која оваа година е составена од тројца независни членови, познати професионалци во своите области, ќе одлучува за наградите: Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, Гордана Вренцоска, универзитетска професорка и графичка дизајнерка, и Тони Димков, културен новинар. Издавачите заинтересирани за учество можат да го побараат документот за апликација на електронската адреса sekretar@mai.org.mk. Крајниот датум за поднесување на апликациите е 24 април 2025 година, додека свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 9 мај за време на Саемот на книгата.
The post Повикот за награди на МАИ за 2025 година е објавен appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: