Од 27 октомври 2025 година, по четири години пауза, повторно се воспоставуваат директните летови од Скопје до Ларнака, Кипар. Линијата ќе ја опслужува нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, со три летови неделно, преку целата година. Веста беше потврдена од Министерството за транспорт и врски, откако претходно министерот Александар Николоски на настанот по повод 15 години од работата на ТАВ Македонија најави нова субвенционирана дестинација од скопскиот аеродром.
Оваа авионска линија беше прекината во 2020 година поради пандемијата со ковид-19, а сега се враќа како дел од државната програма за поддршка на воздушниот сообраќај. Владата преку вториот јавен повик за субвенционирање на авиолинии обезбеди 3 милиони евра, а „Визер“ ќе добива по 9 евра за секој патник што пристигнува во Скопје. Договорот важи три години.
Освен летовите до Ларнака, „Визер“ веќе започна со нови линии до Барселона и Лион, а од октомври ќе стартува и линија до Штутгарт. Паралелно, „Изиџет“ доби поддршка за линиите до Париз (Орли) и Женева.
ТАВ Македонија најавува и проширување на дестинациите – се разгледуваат можности за нови директни летови од Скопје до Прага и Мадрид. Од охридскиот аеродром веќе се достапни летови до Истанбул и Базел/Милуз, со што се зајакнува поврзаноста и од западниот дел на државата.
Пронајдете не на следниве мрежи: