Повторно плови мртва маса во Велешко езеро додека се чека некој да испита дали има цијанотоксини

Неколку дена откако градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, се пофали на социјалните мрежи дека езерото Младост е исчистено од наслаги и дека ревитализацијата на акумулацијата дава резултати, водата повторно е полна со мртва растителна маса која плови на површина.

Во заливот, на вливот на Отовичка река во езерото, повторно се појави мртвата растителна маса која плови на површината на водата. Засега количините се мали но се чини дека брзо се размножуваат. Тие директно доаѓаат од Отовичка река. На лице место, кај заливот, се шири смрдеа на фекалии. Отворени канализациони цевки има во речното корито на Отовичка, тврдат извори за Дума.мк.

При последното испитување на Центарот за јавно здравје во Велес, водата во Младост, според микробиолошките индикатори, е со лош квалитет, но останува истото предупредување дека водата од езерото не смее да се користи за капење, полевање и рекреација зашто на површината има пивтиеста маса и сунѓерести наслаги. Пред тоа е потребно да се испита дали има цијанотоксини.

Но, и покрај тоа што ова предупредување од ЦЈЗ се повторува една година, досега не е испитано дали има цијанотоксини, иако тоа во српскиот Центар за јавно здравје во Белград чини 110 евра.

Според извештајот на Хидробилошки завод Охрид, кој по нарачка на ЈПВ „Лисиче“, направи нови испитувања, објавен на 20 октомври 2025, водата во акумулацијата е со „лош квалитет“ и квалификувана како четврта и петта класа, односно присуството на колиформни бактерии и фекалното загадување укажуваат дека системот е во сериозна состојба.

Покрај тоа, езерото е контаминирано со амонијак и со други токсични материи, што дополнително ја влошува еколошката ситуација.

„При теренскиот увид, визуелно на површината на акумулацијата се забележуваат густи, слузави наслаги кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Ваквата состојба најмногу е изразена кај Отавички залив каде што беше целосно покриена површината на водата.

Вредностите за физичко-хемиските и микробиолошките параметри, според Уредбата за категоризација на води, генерално укажуваат на квалитет на вода од III до V класа, состојба што укажува на фактот дека имаме интензивен процес на еутрофикација, односно стареење на екосистемот и тоа под интензивно антропогено влијание.

Генерално може да се констатира дека за сите истражувани локалитети се евидентирани значително високи вредности за содржината на органските биоразградливи материи, како и за концентрациите на нутриентите (вкупен азот и вкупен фосфор), што секако укажува на органско и нутриентно загадување на овој езерски систем.

Во примерокот колекциониран од најдлабокиот слој на Акумулацијата, односно од 13 метри длабочина не е евидентирано присуство на растворен кислород, што воедно претставува и основна причина за нецелосна деградација на органската материја присутна во подлабоките езерски слоеви.

Отсуството на кислород во езерото претставува голема опасност по живиот свет што живее во него (и растителен и животински) и основна причина за негово изумирање и исчезнување од овој екосистем.

Присуството на вкупните колиформни бактерии и индикаторите за фекално загадување, како и вредностите за органско загадување, укажуваат на антропогено влијание. Во склоп на тоа и високите температури (сушни периоди) придонесоа за свапорација и намалување на нивото на езерото, а единствениот извор на вода (Отавичка Река), без вода“, стои во заклучокот на извештајот.

Различните извештаи на Центарот за јавно здравје, лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје и на Хидробиолошкиот завод од Охрид, кон крајот на летото во 2024 година фрлија сенка врз вистинскиот причинител на загадувањето, односно на излевањето фекалии, кој се спомнува и во извештајот на вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина – сателитската населба Отовица, чии куќи се делумно приклучени на колекторскиот систем со кој управува Јавното комунално претпријатие од Велес, „Дервен“.

„Од десната страна на населбата Отовица се правеше колектор, но изведувачите ја подигнаа висината на каналот поради тоа што наидоа на голема карпа. Од левата страна, сите куќи се приклучени, но фекалиите одат во езерото затоа што пумпата што ја направија за префрлување на водите од лева на десна страна не работеше неколку години.

Граѓаните не знаеја за тоа и сега се покажа дека тоа било проблем. Да, има некои неприклучени куќи, но тие имаа септички јами, кои подоцна им беа забранети “, вели жител на Отовица, кој ужива во пензионерските денови во викенд-населбата и кој раскажа како дошло до екохаваријата.

Од ЈКП Дервен тврдат дека колекторскиот систем во населбата Отовица функционира, но и дека има некои објекти што користат септички јами. Приклучувањето е задолжително, но комуналното претпријатие нема должност да утврди дали овие фекалии се влеваат во езерото, туку само да ја контролира и одржува состојбата на фекалната канализација во функција.

Дел од жителите се сомневаат дека отпадните води што ги исфрлаат рестораните и хотелите се, исто така, причинител за катастрофата.

Сепак, надзорот на Државниот инспекторат за животна средина, односно на инспекторката Билјана Шуркова-Манаскова над правни субјекти во околината на езерото, како и на ЈКП Дервен, кој управува со Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езерото Младост, покажа дека правните субјекти не го загадуваат езерото, туку проблемот е во колекторскиот систем во населбата Отовица.

„Во населбата Отовица, објектите од десната страна на пристапниот пат се приклучени на колекторот. Објектите од левата страна не се приклучени поради тоа што колекторот е на повисока кота од објектите, но нивното приклучување е изводливо во поединечни случаи. Дел од објектите најверојатно имаат септички јами, но не е исклучена и можноста за директно одведување на отпадните води поради близина на коритото во кое повремено тече Отовичка Река.

Индивидуалните објекти од левата страна на пристапниот пат кон Отовица не се приклучени на колекторот, а кај дел од објектите, колекторот поминува непосредно пред парцелите и не е проблем нивното приклучување на системот. Дел од овие објекти не може да се приклучат, најверојатно сите имаат септички јами, а се наоѓаат на 200 метри од езерото“, се вели во извештајот на инспекторката.

Во рамки на активностите за ревитализација на езерото Младост, се изврши чистење на крајбрежјето од суви наслаги, наталожен седимент, сува трска и наслаги, соопштија од Јавното претпријатие за водостопанство Лисиче. Следната недела ќе биде распишан и јавен повик за изведба на бушотини со кои ќе се подобри квалитетот на водата во езерото, а во фаза на изработка е и проект за санација на темелниот испуст.
The post Повторно плови мртва маса во Велешко езеро додека се чека некој да испита дали има цијанотоксини appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: