Повторно пронајдени стари пушки и гранати на местото на поранешната касарна во Битола

Вчера и од Регионалниот ЦУК Тетово било испратено известување дека на улицата „ЈНА“ во Гостивар, исто така, при изведување градежни работи биле пронајдени 29 неексплодирани гранати

Старо оружје кое потекнува од Балканските војни вчера повторно било пронајдено при изведување градежни работи на местото на поранешната касарна во Битола, соопшти утрово Центарот за Управување со кризи.

Пиротехничари на ДЗС товарат неексплодирани гранати од Првата светска војна пронајдени во близина на фудбалскиот стадион во Битола кон крајот на 2020 година/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од оваа локација, каде што сега се гради новиот објект на битолската Територијална противпожарна единица, како што известиле од Регионалниот ЦУК, од страна на екипи на Дирекцијата за заштита и спасување вчера биле подигнати 1 017 стари пушки, пет рачни бомби и една артилериска граната со калибар од 60 милиметри.

На истата локација и изминатите денови беа пронајдени поголем број стари пушки од времето на Балканските војни.

„Со претходните денови на таа локација досега се пронајдени вкупно 2 839 пушки“,

велат од Центарот за управување со кризи.

Освен од Битола, вчера и од Регионалниот ЦУК Тетово било испратено известување дека на улицата „ЈНА“ во Гостивар, исто така, при изведување градежни работи биле пронајдени 29 неексплодирани гранати. На местото увид извршиле претставници на Општина Гостивар, РЦУК Гостивар, како и екипи на Министерството за внатрешни работи и на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Неексплодираните убоити средства (НУС) од Битола и Гостивар се безбедно подигнати и пренесени во магацин и со нив ќе се постапува според стандардните безбедносни оперативни процедури предвидени за вакви случаи“,

се наведува во соопштението на Центарот за управување со кризи.

Од Центарот уште еднаш апелираат до граѓаните во случај да пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани убоити средства (НУС), да не ги допираат и поместуваат, туку веднаш да ја пријават локацијата на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

Инаку, пред два дена во близина на поранешниот гарнизон во Битола беа пронајдени 1 408 стари пушки, кои потекнуваат од минатите балкански војни.

На 22 и 23 мај, како што информираа тогаш од ЦУК, на местото беа најдени и подигнати од пиротехничар на ДСЗ 413 пушки, една артилериска граната со калибар од 95 милиметри и 30 куршуми.

Пронајдете не на следниве мрежи: