Уставните измени остануваат клучниот услов за продолжување на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија, но одговорноста за застојот не е само во Скопје, туку и во Брисел, порачаа повеќе европратеници кои дискутираа за извештајот на Томас Вајц за напредокот на земјава.
– Потребни се многу напори од многу страни, многу раце што ќе помагаат за земјата да тргне напред, рече Вајц, посочувајќи дека поддршката е потребна во секој аспект од решавањето на прашањето со уставните измени, преку подготовката на законите од реформската агенда, до нивната имплементација.
Во делот на напредокот што го постигнала државава, Вајц го спомена напредокот во изградбата на Коридорите 8 и 10, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, константната поддршка на Украина и влегувањето во СЕПА, но со забелешка за мало назадување во медиумските слободи.
За владеењето на правото рече дека има уште многу што треба да се направи.
– Кога станува збор за слободата на медиумите, состојбата е прилично добра во споредба со други земји, но сепак, се намалува просторот на слобода на медиумите. Кога станува збор за лажните вести и за транспарентноста на институциите, потребно е уште да се работи. Ако зборуваме за реформите во правниот систем, слободно ќе кажам дека Македонците имаат уште многу работа. Напредокот што е постигнат во последните години не е многу добар, но Владата најавува дека пред нив не се најавуваат нови избори, рече Вајц.
Дел од европратениците оценија дека граѓаните на земјава се уморни од чекање и дека земјава припаѓа на Европската унија. Дел од бугарските европратеници, пак, одговорноста ја лоцираа во изјавите на македонската Влада посочувајќи дека таа бара надворешни проблеми за да ги прикрие внатрешните проблеми шти ги има и дека изјавите на премиерот Мицкоски не се во духот на добрососедството.


