Лекарите од клиничката болница Меркур во Хрватска во неделата наутро успеале во голем медицински подвиг – му пресадиле пет органи на 32-годишен пациент, јавија хрватските медиуми.
Тим од околу 20 медицински работници во КБ Меркур, предводен од шефот на тимот за трансплантација, проф. д-р. Стипислав Јадријевиќ, шеф на Одделот за абдоминална хирургија, изврши мултивисцерална трансплантација на дури пет органи, што е исклучително ретка операција во Европа, но и во светот.
„Му ги пресадивме на пациентот желудникот, црниот дроб, панкреасот, тенкото и дебелото црево, а сега е на одделението за интензивна нега каде е на рано постоперативно закрепнување“, изјави доцент д-р Данко Микулиќ.
Операцијата почнала во неделата наутро во четири часот и траела околу седум часа. Покрај медицинскиот персонал кој работел на трансплантацијата, имало и многу други кои учествувале во целиот процес и во експлантацијата на органи извршена во Германија.
Првата ваква операција лекарите од Меркур ја направиле во мај, а оваа им е вкупно трета, вели др Микулиќ, раководител на Одделот за хепатобилијарна хирургија во болницата.
„Како и на претходниот пациент, ги пресадивме желудникот, црниот дроб, панкреасот, тенкото и дебелото црево и тој сега е на одделението за интензивна нега каде е на рано постоперативно закрепнување. Но, поради исклучително сложената и чувствителна операција, постои можност за долго закрепнување, со оглед на тоа дека се работи за млад пациент, се надеваме дека се ќе оди во добра насока. Операцијата траела од 4 часот наутро во неделата до 10, 11 часот. Пациентот имаше згрутчување на сите садови во стомакот и крвареше во дигестивниот тракт. Слично како и нашата пациентка на која во мај ја направивме првата ваква операција“, вели д-р Микулиќ.
Тој додаде дека лекарите дознале за достапните органи во саботата попладне, по што за помалку од еден ден успеале да организираат транспорт од Германија.