Подготовки за голема војна – Се повеќе земји ги повикуваат своите граѓани: „Напуштете го Либан додека се уште има летови“

Турција и Јапонија ги предупредија своите граѓани во Либан да ја напуштат земјата доколку нивниот престој не е неопходен, поради можноста безбедносната ситуација во таа земја многу брзо да се влоши.

Тензиите се зголемија по атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во Техеран во средата, еден ден откако израелски напад во Бејрут го уби Фуад Шукр, воениот командант на Хезболах.

„Оние кои не мора да останат во Либан, треба да го напуштат Либан додека се уште има комерцијални летови, ако е можно“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи од доцна синоќа.

Се повикуваат и турските граѓани да не патуваат во таа земја доколку не мораат.

Јапонското Министерство за надворешни работи денеска издаде предупредување во кое ги повикува јапонските граѓани да го напуштат Либан поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Во неделата, Франција и Италија ги повикаа своите граѓани во Либан да ја напуштат земјата поради ризикот од воена ескалација, како и САД, Велика Британија, Австралија, Шведска, Канада, Јужна Кореја, Саудиска Арабија и Јордан.

Пронајдете не на следниве мрежи: