Поддршка за 20 микро и мали бизниси во отворање на е-продавници

Скопје, април 2025 година – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), со поддршка од Visa, издаде јавен повик како дел од иницијативата „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси vol.3“. Иницијативата, која се спроведува трета година по ред, има за цел да помогне на микро и малите бизниси кои сè уште немаат започнато со онлајн продажба, овозможувајќи им бесплатно отворање на своја е-продавница и подобрување на дигиталните вештини потребни за е-трговија.
Преку овој јавен повик, ќе бидат избрани 20 микро и мали компании кои ќе имаат бенефиции како што се: пакет во вредност од 1.000 евра за отворање е-продавница, учество на еднодневен практичен и едукативен семинар под мотото „Сѐ за е-трговија“, како и сертификат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија за успешно завршување на програмата. Дополнително, избраните компании ќе имаат можност да се приклучат кон растечката заедница на домаќинските е-трговци во рамките на АЕТМ и да добијат дополнителна промоција.
Компаниите кои сакаат да учествуваат треба да бидат микро или мали претпријатија со седиште во Македонија, да не поседуваат активна е-продавница, да не добиле поддршка во претходните иницијативи Vol. 1 или Vol. 2 или било кој друг повик од АЕТСМ и да достават комплетно пополнета онлајн апликација. Крајниот рок за аплицирање е 16 мај 2025 година до 23:59 часот.
Изборот на компаниите за програмата ќе се одвива во мај 2025 година, од страна на комисија од експерти во областа на е-трговија, според однапред утврдени критериуми. Едукативниот семинар ќе се одржи во јуни 2025 година.
Иницијативата не само што отвора нови бизнис можности, туку ја формализира онлајн продажбата, намалувајќи ја сивата економија и поттикнувајќи доверба кај потрошувачите во националната е-трговија. Со овој повик, АЕТСМ се вклучува во зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија, мотивирајќи ги да го подобрат своето работење преку е-трговијата.
Во претходните две изданија, вкупно 35 компании успешно ги отворија своите први е-продавници и сега активно продаваат онлајн.
The post Поддршка за 20 микро и мали бизниси во отворање на е-продавници appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: