Подигање бесплатни билети за литургијата со папата – уште денес

Сите заинтерсирани граѓани за присуство на литургијата со папата, што ќе се одржи на 7 мај на плоштадот “Македонија“ во Скопје, ќе можат да ги подигнат бесплатните билети само уште денес.
– Освен во католичките парохии во државата, сите заинтересирани граѓани за присуство на централниот настан на 7 мај, света литургија на плоштадот “Македонија“ во Скопје, бесплатни билети ќе можат да подигнат и на улица „Македонија” кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза, на излезот од ГТЦ спрема Плоштад “Македонија“ и на влезот од Старата Скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа “Мост“), информира Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на Република Северна Македонија.
Штандовите поставени на наведените локации ќе работат од 09:30 до 17:30 часот и ќе служат за информирање на граѓаните за посебните безбедносни и организациски правила.
Сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон плоштадот “Македонија“ за да учествуваат на литургијата на Светиот Отец Папата Франциск, треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет, информираат од владината прес-служба. Билетот треба да го чуваат со себе до крајот на литургијата.
– На 7 мај сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени со потребните услови за работа. Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот “Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Користењето на автобусите на ЈСП и железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Од владината прес-служба апелираат до сите граѓани кои живеат на територијата на град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места, како и до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз и да избегнуваат користење на автомобили. Исто така, сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај после 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.